Нов живот под океанското дно

Нов живот под океанското дно

Научниците открија нешто за кое веруваат дека е уникатен микробски екосистем во карпа длабоко под океанското дно. Во новообјавена студија се документира свет на биолошка активност во средина под морето што до сега не била истражувана.

Оливија Мејсон го направила ова откритие под гребен на Атлантскиот Океан, на сеизмички активен појас каде се издигаат планини од океанското дно. Како единствен микробиолог меѓу 30 научници на истражувачки брод, мисијата на Мејсон била да собере примероци од срцевината на карпа со дупчење низ седиментни и базалтни наслаги на морското дно до таканареченото габро - цврст слој што го формира земјениот релјеф. Таа вели дека имала среќа: „На оваа локација имаше екстензивно преклопување на слоевите, така што површинските слоеви, седиментот и базалтот буквално беа отстранети“.

Така било лесно да се дупчи цврстата карпа. Биле потребни повеќе од три месеци за ова, но примероците се земени и анализирани во лабораторијата на Мејсон, во Универзитетот на Орегон.

Откако едноставно било здробено тоа парче камен, од правта била извлечена ДНК на микробот.

Мејсон вели дека очекувала да најде микроби слични на познатите од базалтниот слој, што лежи над слојот што го нарекуваат габро, но открила нешто сосема друго:

„Неколку линии на докази сугерираат дека тие биле микроби со способност да деградираат хидрокарбонати. Хидрокарбонат е на пример, метанот. Изгледаше дека овие микроорганизми се способни да користат метанот или да го оксидираат“.

Вакви бактерии има, вели Мејсон, во резерви на нафта и контаминирана почва. Сепак, не е јасно, вели таа, дали овие микроби мигрирале долу или се развиле под морското дно. Како и да е, научниците сугерираат дека овие микроскопски јадачи на јаглерод може да имаат улога во отстранување на јаглерод произведен од гасови кои,пак, предизвикуваат климатски промени, како метанот.

„Не би сакале тој метан да влезе во хидросферата или во морската вода, или надвор од неа, бидејќи тоа е многу моќен загадувачки гас. Тоа што овие микроби го користат метанот е важен процес, а ние до сега не знаевме дека постои во животната средина“, вели овој научник.

Ова е големо откритие иако претстои уште многу работа, како на пример квантификација на таа конзумација – или колку навистина метан можат да „изедат“ овие микроби.Тоа, пак, значи лабораториско набљудување на овие микроби и земање примероци од различни краеви на планетава.