Мицкоски ја брани министерката со непријавено бугарско државјанство

Премиерот, барем не јавно, не ѝ забележува на новата министерка, иако таа првично изјави дека нема бугарско државјанство, за само ден потоа да признае дека имала, но и дека побарала отпуст од бугарско државјанство

Премиерот Христијан Мицкоски застана во одбрана на својата министерка за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, за која во изминатите денови неколку домашни медиуми објавија дека имала бугарско државјанство - факт кој не го навела во својата биографија доставена до Собранието пред нејзиниот избор.

Мицкоски има разбирање зошто Божиновска заборавила да наведе дека не поседува само македонско државјанство.

„Не би се согласил дека криела од јавноста, инаку не гледам причина во биографијата и нашиот матичен лист треба да го ставиме... Ако јас напишев се што сум правел во биографијата во моите 46 години ќе ми требаа неколку тома...“, рече Мицкоски.

Премиерот, барем не јавно, не ѝ забележува на новата министерка, иако таа првично изјави дека нема бугарско државјанство, за само ден потоа да признае дека имала, но и дека побарала отпуст од бугарско државјанство.

Your browser doesn’t support HTML5

Мицкоски има разбирање зошто Божиновска заборавила да наведе дека не поседува само македонско државјанство

Тоа се случило минатата година, токму пред да влезе во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, позиција од која, по изборите, се најде на чело на новоформираното министертво за енергетика и рударство.

Божиновска го користела бугарското државјанство додека работела во Хрватска.

Мицкоски, вината за ситуацијата со непријавеното бугарско државјанство не ја гледа кај Божиновска, туку кај, како што рече, некои центри кои „сакаат ова прашање да биде од интерес“.

„Ценете ја нашата работа според делата, да ги оставиме игрите политички настрана. Разбирам дека има центри кои сакаат ова да биде интерес, а не работата на новата влада, да биде интерес како и кој што кажал, кому намигнал, а да не биде интерес инвестиција од половина милијарда евра, градинка, училиште, реформи, разбирам дека има такви центри...Не се согласувам дека ја манипулира јавноста. Ќе побаерате одговор од лицето за кое прашувате. За Сања само можам да кажам дека е исклучителен, европски експерт и дека сум среќен што ја имам како соработник во мојот тим“.

Според нејзино признание, имала бугарско државјанство за што, според бугарските процедури, морала и да изјави дека има бугарско национално сознание.

Бугарските медиуми информираа за овој случај карактеризирајќи го како скандал.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која ги има повеќето ресори во владата, има тврди позиции кон Софија и условот – вметнување на Бугарите во Уставот за продолжување на евроинтеграциите на земјава.