Мицкоски: Тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон, ние први го запоседнуваме теренот

Your browser doesn’t support HTML5

Таа е линијата, тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и коешто ќе го преплави светот. Ние сме првите што го запоседнуваат теренот. Тоа мојот е начин на работа, нема втора шанса за прв впечаток, рече Мицкоски после учеството на конференцијата на Републиканската партија во САД

СКОПЈЕ – Патувањата и состаноците во Вашингтон и Минхен се исклучително позитивни и корисни, презентирани се нашите ставови и аргументи кои наишле на поддршка и разбирање е оценката на премиерот Мицкоски по враќањето од Вашингтон каде присуствуваше на конференција организирана од Републиканската партија.

Тој нагласи дека ги презентирал фактите и за двојните стандарди и обидот една држава членка на ЕУ (Бугарија) да го блокира евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија.

„Од сите страни добиваме поддршка, никој не рекол ‘извинете, не ве поддржуваме да се интегрирате’. Сите ги разбираат нашите аргументи, сите зад завеса стегаат рака и велат ‘тоа е тоа, таа е вистината, доста од двојни стандарди, треба да одите напред’, но, за жал, има една земја во ЕУ, сите ја знаеме, што се обидува наместо да работиме во 21 и 22 век, да се враќаме назад во средновековието, во 11-от или 12 век. Отприлика, тоа е реалноста. Инаку, буквално сите со симпатија гледаат кон оваа, би рекол, малубројна земја во срцето на Балканот“, рече премиерот Мицкоски.

Премиерот е дециден дека негова цел и план е Северна Македонија да почне „да победува“ во светски центри на моќ како Вашингтон, Лондон, Париз, Брисел, Берлин и Рим, нешто што, како што вели тој, не било фокус и не го правеле неговите претходници.

„Добро е да градиме и дома, да победуваме низ градовите, но мора да почнеме да победуваме во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз, Рим, Лондон, секаде каде што досега, за жал, поради неодговорни политичари не сме имале амбиција да победуваме. Нашата амбиција е таква, да се обидеме преку пркос да ја прикажеме вистината, вистинската вистина што нас Македонците посебно, а и граѓаните во Македонија, нè боли зашто тоа е вистината која ја чувствуваме и таа создава фрустрација. Ќе продолжиме да се бориме и понатаму и додека ја предводам Владата ќе се трудам да се борам секаде во светот за вистината за Македонија и за подобар живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.

Околу учеството на конференцијата на Републиканската партија во Вашингтон, Мицкоски, оцени дека сигналите и пораките кои ги испраќа администрацијата на претседателот Доналд Трамп е „новото нормално“ и дека нашата држава, како што истакна, е прва што се појавува и го запоседнува теренот.

Премиерот најави дека во петок ќе патува во Истанбул каде ќе има средба и приватен ручек со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, а тоа ќе биде потврда на стратешкото партнерство меѓу двете земји, додека наредниот понеделник со кабинетот оди во Будимпешта на меѓувладина конференција.