Мицкоски: Средствата од унгарскиот заем достапни за компаниите наесен, за општините наредната година

Мицкоски и Азески сакаат дијалог со Синдикатот за недела неработен ден. Компаниите кои ги исполнуваат условите ќе добијат пари од заемот а не оние кои имаат синдикална организација, дециден е премиерот. За стопанството ќе има и дополнителни 100 милиони евра од Европската инвестициска банка

СКОПЈЕ – Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, се согласни дека дијалог со Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) треба да има околу барањето да остане недела неработен ден но без конкретен одговор дали се согласуваат или не со барањето на Синдикатот.

„За дијалог со Синдикатот стоиме на располагање, ќе разговараме со синдикалните организации, но мора да водиме сметка за иднината на државата, тоа е она што е многу важно. Ако немаме здрава економија, ќе немаме ни вработени. Мора низ дијалог, заедно да седнеме и да направиме еден систем што ќе функционира и во иднина“, рече Мицкоски.

На барањето на Синдикатот средствата од најавените 250 милиони евра од унгарскиот заем да бидат дадени на компании кои имаат синдикални организации премиерот Мицкоски кажа дека нема да ги дели бизнисот и дека пари ќе добијат само компаниите кои ги исполнуваат условите.

Двеста педесет милиони евра, пари од унгарскиот заем, ќе бидат достапни за бизнис секторот во октомври додека општините со своите проекти ќе може да аплицираат за овие средства на почетокот на идната година, најави Мицкоски. Контролни механизми како се трошат овие пари ќе има а првичен план е средствата да се дистрибуираат преку комерцијалните банки без дополнителни трошоци.

„Ќе разговараме и со банките да видиме како втора опција овие средства бизнисот ги користи преку комерцијални банки без дополнителни трошоци доколку има интерес. Доколку видиме дека таму нема разбирање и се книжат дополнителни трошоци тогаш ќе се обидеме преку Македонската банка за обнова и развој да ги пласираме овие средства“, рече Мицкоски.

За стопанството ќе има и дополнителни 100 милиони евра од Европската инвестициска банка.

„Анализираме состојба во која имаме уште стотина милиони евра да бидат ставени на располагање на бизнисот а каматата да ја прифатиме ние како Влада и да ја сервисираме и практично од а биде како еден бескаматен заем. Очекуваме барем уште толку (350 милиони евра) бизнисот да вложи и да има најмалку раст од пет проценти над стапката на инфлација, да креира нови работни места“, изјави Мицкоски.

Your browser doesn’t support HTML5

Мицкоски и Азески на иста линија, бизнисот и Владата партнери за развој на државата

Кога станува збор за општините, парите нема да се префрлаат однапред и ќе има контролни механизми кои ќе следат како се трошат овие средства.

„Не мислиме да ги ставиме средствата веднаш на располагање на сметката бидејќи за да се реализира еден проект можеби ќе треба една година. Ќе имаме единица која и преку министерството за локална самоуправа и преку мојот кабинет ќе ја следи реализацијата и средствата ќе бидат префрлени само за исплата на фактурите кои следат“, дециден е премиерот.

Бизнис секторот и Владата ќе имаат цврста соработка во наредниот период преку парична поддршка, енергија и користење на капитални инвестиции за компаниите кои ќе создаваат нови работни места и зголемен извоз. Ова е договорот постигнат меѓу Стопанската Комора и Владата а бизнисмените побараа од Владата транспарентност во работата, борба против митото и корупцијата, градење систем на институции и стимулирање на бизнисот.