Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата победник на двојните избори, ги продолжува разговорите за идната влада. Христијан Мицкоски, кој се очекува да биде мандатар, денеска разговарал со лидерите од помалите партии кои беа дел од коалицијата „Твоја Македонија“.
Your browser doesn’t support HTML5
„Претседателот Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за отпочнување на преговори за состав на идната влада. Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат на основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Речиси во истовреме се огласи и Европската Унија која, по завршувањето на двојните избори, прати заедничка писмена изјава на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување.
„Ги охрабруваме релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада. Двете институции треба да работат заедно за да го унапредат патот на Северна Македонија кон ЕУ, вклучително и со спроведување клучни реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Северна Македонија направи одлучувачки чекори во процесот на пристапување кон ЕУ и сега ќе биде важно да се имплементираат преостанатите обврски неопходни за отворање на првиот кластер во процесот на пристапување. ЕУ и Северна Македонија споделуваат силно партнерство. Земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и очекуваме нашата соработка да продолжи и понатаму да се развива“, пишува во заедничката изјава на Жозеп Борел и Оливер Вархеји.