СКОПЈЕ – Предвремени парламентарни избори како што бара опозициската ДУИ ќе има само ако на локалните избори кои ќе се одржат во октомври идната година загуби владејачката коалиција и освои помал број на градоначалници.
Your browser doesn’t support HTML5
Откако лидерот на ДУИ Али Ахмети, деновиве повторно го актуелизираше прашањето, денес премиерот Христијан Мицкоски децидно одговори, ако добиеме „црвен картон“ од граѓаните одиме на предвремени парламентарни избори.
„Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори и тоа е јасно. Сите анкети тоа го покажуваат. Јас разбирам дека некој од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание. ВМРО – ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата која ја предводи е секогаш подготвена. Партијата е консолидирана, функционална и задутре може да истрчаме на терен. Имаме избори локални следната година. Ако граѓаните речат „црвен картон“ има Владата на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата и ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и СДСМ тогаш пораката е јасна. Ние нема воопшто да ја игнорираме таа порака. Прв тест ќе бидат локалните избор следната година. Доколку коалицијата Левица – ДУИ – СДСМ ја победи владината коалиција тогаш апсолутно нема што да кажеме“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека доколку нема предвремени избори очекува од опозицијата да се посвети на внатрешни реформи.
„Доколку ние победиме очекуваме конечно да се завртат кон самите себе и да се реформираат со нови луѓе и нови програмски идеи и да се најдеме на следните парламентарни избори во 2028 година“, рече Мицкоски.
На иста линија е и коалицијата „Вреди“ од каде му порачаа на Ахмети за да докаже дека сака предвремени избори да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката.
Министерот за здравство Арбен Таравари пак побара од Ахмети да се адаптира и реформира а дури потоа да зборува за избори.
„Пред пет – шест месеци завршија изборите. Јас би му препорачал на господинот Ахмети повеќе да се фокусира во реформи во партијата и во адаптација во опозиција, отколку да бара избори. Ако се одржат повторно идната година, потоа повторно 2026 година пак ќе бара избори. Така што, ајде ние прво како Влада да ги реализираме проектите што се ветени. Дел од нив веќе се реализираат, а Ахмети нека се адаптира и нека се реформира“, рече Таравари.
Идејата за предвремени парламентарни избори дојде на седницата на Собранието за пратенички прашања каде премиерот Мицкоски отворено му понуди на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, да се одржат догодина што Филипче и СДСМ го прифатија.
Потоа ДУИ, односно Ахмети, во два наврати побараа предвремени парламентарни избори во склоп со локалните а како причина наведоа дека со тоа ќе запре понижувањето на Албанците во државата за кое е виновна коалицијата „Вреди“