Замрзнат конфликт во Украина, лобирање и стремеж за мир на Блискиот исток, враќање на идеите за размена на територии на Балканот. Тоа се дел од можните измени што би се случиле на глобален и регионален безбедносен план после назначувањето на новата администрација на САД, на чело со новоизбраниот претседател, Доналд Трамп.
Така смета професорот од Воената академија во Скопје и аналитичар за безбедносни состојби, Методи Хаџи Јанев во разговор за Гласот на Америка.
Your browser doesn’t support HTML5
Една од можните разрешници за Украина е замрзнат конфликт, жално и неславно за УкраинцитеМетоди Хаџи Јанев
„Искрено очекувам брза разрешница во Украина, иако генерално постојат два курса на акција. Првиот е дека ќе има брза разрешница, која што ќе заврши така што ќе заврши, жално и неславно за Украинците. Но, ќе заврши во еден замрзнат конфликт во којшто најверојатно ќе постои сериозна поделба, според овој курс на акција.Поделбата би наликувала некако на севернокорејското и јужно корејското прашање“, посочува Хаџи Јанев.
Но, смета дека во игра е и друга насока за развој на настаните во Украина:
Пораз на Русија подразбира пораз на режимот на Путин, кој јасно стави на знаење дека е подготвен да дејствува и нуклеарноМетоди Хаџи Јанев
„Втор курс на акција е, наместо тоа, предлогот којшто ќе го предложи ново избраната администрација на САД, да биде неприфатлив за Русија и таа војна да продолжи. Тоа може да ги зголеми тензиите и да го втурне светот во уште подлабока криза. Во тој случај влоговите се многу високи, затоа што условот за победа на Украина подразбира пораз на Русија. Поразот на Русија, пак, подразбира пораз на режимот на Путин, кој во неколку наврати јасно стави на знаење дека е подготвен да дејствува нуклеарно доколку е егзистенцијално загрозен“, вели нашиот соговорник.
Сепак, професорот укажува и дека македонските власти треба да се подготват за вклучување во постконфликтниот период во Украина.
„Ќе треба да се учествува во тој дел и во тоа постконфликтно градење на Украина, односно менаџирање на тој замрзнат конфликт, што значи дека ќе има чување на мирот, а не наметнување на мирот“, посочува професорот.
Во однос на состојбите на Блискиот исток и релациите САД - Израел, Хаџи Јанев смета дека ќе биде силно влијанието од лоби групите кои се залагаат за сојузништво со Тел Авив.
„Затоа што и во двата табора има лоби групи коишто всушност лобираат за Израел. Целата таа приказна веќе речиси станува јавно познато дека не може едноставно сад да се откаже толку едноставно од поддршката којашто ја има кон Израел“, вели Хаџи Јанев.
Но, позицијата на САД во однос на тамошниот конфликт би била во релација првенствено со потребите на американските граѓани.
„Да стави мир на конфликтите каде што, според него, има непотребни трошоци. Да го реши прашањето со Блискиот исток заради тоа што со тоа ќе треба да ја купи енергетската стабилност, којашто, сè уште и покрај тоа што вели дека САД има најмногу нафта, и не лаже за тоа. Но, проблемот е како ќе можете да ја искористите таа нафта и колку ќе чини тоа“, вели професорот.
За Балканот, пак, Хаџи Јанев смета дека во фокус ќе бидат билатерални релации на САД со секоја земја поединечно.
Ќе се води од некаква реална логика во којашто ќе каже ‘Ако имате територија на којашто немате никакво владение, зошто да нема размена'Методи Хаџи Јанев
„Интересот не е примарен, но сите оние кои што ќе успеат да се преструктуираат во визијата којашто ја има новата администрација. Дали тоа е во поглед на дипломатијата, дали тоа е во поглед на бизнисот, на идеите и дали тоа е во поглед на начинот на кој што ќе се користи НАТО? Тоа ќе биде исклучиво за, засега, одбрана, ќе бидат партнери или ќе се гледаат како потенцијална закана за, да кажеме условно, владејачката гарнитура на претседателот Трамп“, вели Хаџи Јанев.
За спрегата Србија – Косово, која се смета за една од најнеизвесните од безбедносен аспект во балканскиот регион, не се исклучува можноста да се појави предлог за размена на територии.
„Ќе се води од некаква си здрава логика или реална логика во којашто ќе каже ‘Ако имате територија на којашто, условно, немате никакво владение, не ни земате, не ни наплаќате даноци на таа територија’. Тие се чисто етнички чисти и зошто да нема размена на територија во кое и едните и другите ќе имаат корист и ќе се создадат тие чисти територи“, вели Хаџи Јанев.
Генерално Хаџи Јанев очекува нови текови во целокупните глобални и регионални безбедносни и политички состојби.
„Затоа реков, тој е ‘бизнис ориентед’ и тоа, колку и да не ни се допаѓа, е можеби новото нормално на коешто ќе треба да се навикнеме. И нормално, кој е тој што ја има моќта да мобилизира ресурси, да ја контролира информацијата, да напредува во дигиталната технологија, тогаш тоа е тој што ќе ја формира новата реалност или новото нормално“, заклучува професорот Методи Хаџи Јанев во разговорот за Гласот на Америка.