Меркел и алфа-мажите: Трамп, Макрон и Ердоган

Нејзините инстинкти за соработка ќе се стават на тест за време на четвртиот мандат

Порано годинава Истражувачкиот центар „Пју“ спроведе анкета во преку 30 земји, за тоа кои се нивните размислувања за различни светски лидери. Германската канцеларка Ангела Меркел беше на врвот на анкетата - повеќе испитаници изразиле доверба во неа, споредено со кој било друг лидер.

Со вртењето на САД кон поизолационистичка политика, Велика Британија заглавена со Брегзит, со Франција, на чие чело е непроверен млад претседател чија популарност е веќе во опаѓање, многумина ја видоа Меркел, која во неделата го обезбеди својот четврт мандат, како најсигурен лидер на Западот.

Американски и европски весници веќе ја нарекоа „лидерка на слободниот свет“ за поголемиот дел од 2017-та година.

Но, остануваат прашањата за тоа кои ќе бидат сегашните ставови на проактивната Меркел, кога станува збор за надворешната политика, и како би се справила со бројните значајни предизвици со кои се соочуваат Германија и Европа, вклучувајќи го тероризмот, војната, финансиската криза и политичките превирања. Инстикот на оваа научничка, а сега политичарка е да бара консензус, но се чини тоа тешко да се постигне, штом ќе се соочи со лидерството на алфа-мажите, како Доналд Трамп и Реџеп Тајип Ердоган.

Порано годинава, откако Трамп објави дека ќе ги повлече САД од Парискиот договор за климатските промени, Меркел ги советуваше своите европски колеги дека мора да ја преземат судбината во свои раце. „Времињата кога можеме целосно да се потпреме на другите, помалку или повеќе се минато“, рече таа.

Во интервју за германскиот весник Франкфурт алгемајне цајтунг, германската канцеларка сигнализираше дека има намера да се заложи за поголема кохерентност во надворешната политика на Европската Унија - дека блокот мора брзо да изгради заеднички став кон Кина и Русија.

„Светот мора да види дека земјите-членки нема да отстапуваат од европскиот консензус за овие прашања“, рече таа, додавајќи дека е важно поединечните влади да бидат подготвени да се заложат за она што е најдобро за ЕУ како целина“.

Оттука, дали Меркел ќе почне да го утврдува своето наследство кога станува збор за надворешната политика, и ќе ги предводи своите европски колеги, задржувајќи ја медиумската ознака „лидерка на слободниот свет“? Останува да се види.

Германија под водство на Меркел има распоредено германски трупи во странство, и тоа во Авганистан, Мали и Литванија.

Таа беше лидерка за време на европскиот консензус за воведување на санкции против Русија заради анексијата на Крим, а заедно со Французите, ги предводеше напорите на Западот во преговорите за решение за конфликтот со Русија во источна Украина.

Според најавите, можна е и поголема соработка со францускиот претседател Емануел Макрон, околу местото на Европа во светот по Брегзит, Европа којашто би била поинтегрирана и поцентрализирана од кога и да е порано.

Сепак, некои експерти предвидуваат дека земајќи го предвид нејзиното минато, Меркел ќе биде многу попретпазлива кога станува збор за совпаѓање на активностите со зборовите, и тоа нема да го прави со брзо темпо.

Меркел за време на кампањата за реизбор, вети дека ќе го зголеми буџетот за трошоци за одбраната за потребите на НАТО од 1,2 проценти, на 2 процента. Но, интензивирање на армиските капацитети, не е исто што и нивно користење. Неодамнешна анкета покажа дека мнозинството Германци не се комотни со идејата за употреба на сила, дури и кога станува збор за одбрана на НАТО.

Нејзините инстинкти за соработка ќе се стават на тест за време на четвртиот мандат. ЕУ се соочува со немири на исток, со популистички влади во Полска и Унгарија кои се противат на политиката на Брисел за имиграцијата и граѓанските права. Друг проблем би бил ставање на ред околу прашањето за Брегзит.

Најголемиот предизвик на германската канцеларка сепак останува САД, каде политиката на претседателот Доналд Трамп – „Америка прва“ и сомнежот за мултилатерализам, директно се косат со нејзината определба за заштита на поредок базиран на правила.