Заеднички обуки, вежби и кооперативност: Меморандум за соработка во одбраната потпишаа Северна Македонија и САД

Потписи на документот ставија министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска и помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Мара Карлин

Унапредување на стратешкото партнерство преку заеднички обуки, вежби, едукација, како и унапредување на можностите за соработка во борбата против тероризмот се најавуваат со новиот Меморандум за соработка во одбраната што го потпишаа Северна Македонија и САД.

Потписи на документот ставија министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска и помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Мара Карлин. Церемонијата се одржа онлајн, во Скопје и во Вашингтон, при што во македонското Министерство за одбрана присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Брнз.

Помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Мара Карлин, потписот го стави во Вашингтон. Церемонијата се одржа онлајн.


Новиот Меморандум е замена за веќе постоечкиот Меморандум од 1994 година, при што се планира интензивирање на веќе воспоставената соработка меѓу двете земји на полето на одбраната.

Министерката Шекеринска и помошничката Карлин имале и телефонски разговор, при што била изразена согласност дека постои меѓусебна позитивна посветеност за развивање на соработката во одбраната на билатерално ниво, но и како земји – сојузнички во НАТО.

Во разговорот било изразено задоволство од зголемената соработка меѓу Северна Македонија и САД во поглед на модернизацијата и опремувањето на Армијата, при што акцент бил ставен и на заедничките обуки и вежби, заедничкото учество во НАТО мисиите, како и за соработката во развој на полигонот Криволак согласно стандардите на НАТО.

Од осамостојувањето, во изминатите, речиси три децении САД се истакнаа како најголеми поддржувачи и помагачи на развојот на македонските одбранбени сили преку помош во воена опрема, чија вредност надминува 150 милиони долари. Преку програмите за тренинг и едукација, повеќе од 800 припадници од Армијата и вработени во одбраната добија можност за професионални обуки и специјализации на високите воени школи и центри за обука во САД.