Американскиот секретар за одбрана Џим Матис за време на посетата на Украина изјави дека Русија „со сила се обидува да ги прецрта меѓународните граници“, и дека санкциите ќе останат на сила, се` додека владата во Москва не го промени своето однесување.
Првиот човек на Пентагон, по средбата со украинскиот претседател Петро Порошенко и други претставници, ја потврди американската поддршка за Украина, додавајќи дека САД не ја прифаќаат руската анексија на Крим.
Матис истакна и дека Русија не ги исполнила своите обврски од Мировниот договор од Минск за решавање на конфликтот во источна Украина, како и обврските од други договори коишто државата ги прифатила.
„САД и сојузниците ќе продолжат да ја притискаат Русија да ги почитува своите обврски од Минск и санкциите ќе останат во сила, се` додека Москва не ги промени акциите што ги презеде“, рече Матис.
Тој додаде дека САД остануваат посветени на изнаоѓање на дипломатско решение за ситуацијата во Украина.