Матис ја потврди поддршката за Индија, Авганистан и Катар

Американскиот секретар за одбрана Џим Матис, се врати во САД по посетите на Индија, Авганистан и Катар, кои имаа за цел зацврстување на односите со американските партнери во регионот.

„И покрај предизвиците, Катар и САД одржуваат одлични воени врски“, истакна првиот човек на Пентагон.

Матис синоќа пристигна во воздухопловната база Ал Алеид во Катар, најголемата американска воена база на Блискиот Исток, неколку дена откако катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад ал Тани, за време на говорот во Генералното собрание на ОН, го обнови повикот за „безусловен дијалог“ со цел ставање крај на кризата на неговата земја и четирите арапски држави.

Саудиска Арабија, Египет, Бахраин и Обединетите Арапски Емирати, ги прекинаа дипломатските врски со Катар во јуни, годинава, поради блиски односи со Иран и нивната наводна поддршка за екстремистите. Катар го негираше ова, велејќи дека кризата е политички мотивирана.

Американскиот претседател Доналд Трамп, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, се состана со емирот на Катар, по што изјави дека има „силно чувство“ дека спорот ќе биде решен „мошне брзо“.

Трамп понуди да посредува во кризата.