Мет Лауер и Гарисон Килер ја загубија работата по наводите за сексуално малтретирање.
Раководителот на NBC, Енди Лак соопшти дека: „Водителот на шоуто Today, Мет Лауер бил отпуштен од работа откако тие добиле детална жалба од колешка за несоодветно сексуално однесување на работното место од страна на Мет Лауер.“ Тој додаде дека новинската мрежа има доволна причина да верува дека ова не е единствен инцидент и затоа решиле да го отпуштат.
Од NBC не дадоа никакви детали во врска со случајот на Лауер.
Јавното радио во Минесота го отпушти Гарисон Килер заради „несоодветно однесување“.
Некои од обожавателите за веста дознаа пред емисијата што Килер требаше да ја сними во Њујорк:
„Има неколку нивоа на сериозност во сексуалното вознемирување. Без разлика на се, тоа е неприфатливо“ изјави Рик Покок.
Килер е познат како поранешен водител на A Prairie Home Companion и водеше емисија за поезија и литература наречена The Writer Almanac.
Килер за весникот Minneapolis Star Tribune изјави дека тој и се извинил на соработничка откако ја допрел. Тој вели дека тој и жената биле пријатели „се` додека нејзиниот адвокат не му се јавил“.
Лауер и Килер се најновите познати лица кои се соочуваат со обвиненија за несоодветно однесување.
Новинари, членови на Конгресот, актери, поранешен режисер, поранешни претседатели и актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп се соочија со слични обвиненија.
Околу 16 жени го обвинија претседателот Доналд Трамп за сексуално вознемирување . Тој наводите ги нарече „лажни вести“.