Мартина Димоска е првата аналогна астронаутка од Северна Македонија

Your browser doesn’t support HTML5

Сторија со првата аналогна астронаутка од Северна Македонија

Од симулирани вселенски мисии до живеење во изолирани живеалишта, аналогните астронаути се први на линијата во подготовката на човештвото за патување во вселената. Една од нив е и Мартина Димоска, Македонка од Кичево која е првата жена аналогна астронаутка од Северна Македонија и од Балканот. 

Аналогните астронаути го отвораат патот на човештвото до Месечината, Марс, но и другите планетарни тела. Овие смели поединци учествуваат во симулирани вселенски мисии, тестирајќи ги границите на човечката издржливост и технолошките иновации. 30-годишната Мартина Димоска од Кичево е првата Македонка и прва жена од Балканот аналогна астронаутка која учествувала во симулација на мисија на Марс поддржана од НАСА.

„Како прва жена аналоген астронаут на Балканот, имаме мисии што треба да ги истражуваме. Тие мисии се всушност симулација на вселенска програма или симулација на некое вселенско живеалиште. Таквите мисии се извршуваат насекаде во светот, во екстремни услови, во делови од светот што се тешко достапни за општото население и се голем предизвик за да се извршат“, изјави аналогната астронаутка Мартина Димоска за Гласот на Америка на македонски.

Од живеење во изолирани живеалишта до спроведување експерименти во екстремни средини, аналогните астронаути се соочуваат со предизвици слични на оние што се среќаваат во вселената. Мартина Димоска учествувала на аналогни мисии во Северна Дакота, Соединетите Американски Држави, Полска и во Шпанија, како и на многу тренинзи на различни места во светот. Нејзиното искуство дава вредни сознанија за тоа како луѓето можат да живеат за време на долги мисии надвор од Земјата.

„Целиот наш севкупен ден е доста разнолик, од тренинг до физички подготовки, до претподготовки за експерименти до симулации на вселенски прошетки. Така што, навистина разновиден, но доста исполнет ден. Сами си ги подготвуваме нашите јадења, сами го одржуваме живеалиштето во живот, ги мериме нивоата на CO2, и на другите компоненти што треба да не одржат во живот исто како кога би го правеле тоа на некоја вистинска мисија меѓутоа тоа се случува тука на Земјата“, рече таа.

Димоска вели дека во Северна Македонија потребна е повеќе политичка волја и разбирање за да се прават вселенски истражувања.

„Навистина се трудиме да поттикнеме вселенски истражувања и кај нас дома, меѓутоа треба да се има повеќе политичка волја, повеќе заинтересираност од самите граѓани и да разберат како вселенските случувања и вселенските иновации всушност ги користиме во секојдневниот живот. На пример, влошките мемори пена на вашите обувки, или пак перницата на која што спиете е поради вселенски технологии, тефлонот на вашата тава што е нелеплив во кој што го пржите вашиот доручек исто е поради вселенски технологии“, изјави Димоска.

Додека гледаме кон иднината на истражувањето на вселената, аналогните астронаути од типот на Мартина Димоска ќе продолжат да го предводат патот, водејќи нè на нашето патување до ѕвездите.