САД најавија дека потрагата по малезискиот авион може да се прошири на Индискиот Океан

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни наведе информации дека авионот можеби скршнал далеку од курсот и се упатил кон Индискиот Океан.
САД најавија дека потрагата по исчезнатиот малезиски патнички авион може да се прошири и да го опфати Индискиот Океан, што е далеку на запад од последната потврдена локација на Боингот 777 во кој имаше 239 лица.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни кажа дека има нови информации - иако не и дефинитивни - дека авионот на „Малезија ерлајнс“, што исчезна саботата додека леташе на релација Куала Лумпур - Пекинг, можеби скршнал далеку од курсот и се упатил кон Индискиот Океан. Карни информираше дека САД се консултираат со други земји вклучени во масовната потрага, за да одлучат какви бродови и летала би можеле да испратат.

Потрагата трае веќе шест дена и се појавија повеќе теории за тоа што можеби се случило, од терористички напад, преку хаварија на авионските системи, па се ` до самоубиство на пилотот. Малезискиот министер за транспорт Хишамудин Хусеин ги негираше извештаите дека авионот летал уште неколку часа откако за последен пат бил остварен контакт. Тој рече и дека малезиските власти спровеле истрага во врска со кинеските сателитски снимки на кои наводно се гледаат остатоци од авионот во водите јужно од Виетнам, но дека ништо не нашле.