Гарфилд во американската сојузна држава Њу Џерси е познато како место во кое живеат најмногу Македонци. Поради тоа, во околината се наоѓаат и три македонски продавници со колонијални услуги, три македонски ресторани и две православни македонски цркви Свети Никола и Свети Кирил и Методиј но и еден македонски манастир, Свети Ѓорѓија. Бројот на компании во соптвеност на Македонци во Њу Џерси е поголем и брои повеќе стотици низ целата држава, но сепак една од постарите и најпозната продавница за колонијални услуги со македонски производи и производи од поранешните југословенски републики е Шоп Експрес во Гарфилд. Но, не само продажба и колонијални услуги. Тука се прават највкусните македонски традиционални јадења, бурек, пастрмајлија и ќебапи.
Your browser doesn’t support HTML5
Зора и Илија Малески од Струга со својот три годишен син Дејан, дошле во Америка пред 35 години. Го најдовме ова место, ја искористивме шансата, но и големата желба за ваков бизнис беше доволно да започнеме нов живот, вели сопственичката на македонската продавница во Гарфилд, Зора Малеска.
„Сопругот работеше како касап, а јас имам доста познавање во кујна. Убаво е тоа што работиме со наш народ, да подготвуваме домашни јадења. Во бизнисот сме скоро 19 години и сме презадоволни, среќна сум што го работам ова, се среќаваме со многу наш народ, можам да кажам од цела Америка, од цела Европа, Југославија, Македонија... Луѓето доаѓаат често и задоволни се од нашата храна“, вели сопственичката Зора.
Тука се прават највкусните домашни јадења како: тавче гравче, полнети пиперки, селско месо, грав со ребра, ориз со пилешко, сарма, телешка чорба, бурек, пастрмајлија но и други јадења од македонската традиционална кујна.
„Се готви, има скара, домашни пецива, домашна храна. Правиме и кетеринг или достава на храна. Луѓето нарачуваат за слави, имендени како и за празниците Божиќ и Велигден“, додава Зора.
За месото и месните производи е задолжен нивниот син Дејан.
„Месо, ќебапи, колбаси, сувомеснати....“, вели Дејан
Општо познато е дека македонските ќебапи се најубави токму тука во Шоп Експрес.
„Посебно ми беше желба да ги научам ќебапите бидејќи се барани...“, вели тој.
Добриот глас надалеку се слуша, па токму поради тоа, нарачки пристигнуваат и од другите американски држави.
„И македонските и српските цркви нарачуваат наши ќебапи, праќаме ќебапи и надвор од Џерси во Индијана, Чикаго и слично....“, вели Дејан.
Лилјана Трпоска од Струга 13 години откако дошла во Америка работи кај Зора и Илија Малески.
„Тука дојдов да работам, ме побара газдарицата Зора, бидејќи и требаше работник. Многу сме задоволни има доста работа, се подготвуваат банички, мазници, домашни кифли и се што е македонско“, вели Лилјана.
Но, покрај сите вкусни јадења и печива кои се подготвуваат тука, најпознат е бурекот. Се подготвува и се прави по оригинален рецепт. Но, го прави и искусен мајстор. Насер Шерифи од Гостивар веќе 40 години живее во Америка, додека последните 16 години работи во македонската продавница како бурекчија.
„Овде дојдов во 1986 година, скоро 40 години. Живеев во Србија 25 години. Ме познаваат многу луѓе тука и воопшто во Америка. Тука дојдов повторно да правам бурек и пресреќен сум што ги најдов овие луѓе Зора, Илија, Дејан... Јас сум премногу среќен и тоа можам да го кажам“, вели Насер.
Соња Даневски од Свети Николе дошла во Америка во 2021 година со нејзиниот син и оттогаш работи во Шоп Експрес. Вкусот на традицијата е задржан овде на ова место, вели таа.
„Голема чест и задоволство ми е што работам овде во оваа продавница. Запознав прекрасни луѓе што водат семеен бизнис. Носталгијата и недостатокот за нашите роднини е многу помал. Се подготвува одлична храна и вкусот на традицијата и нашето балканско е задржано овде“, вели Соња.
Гласот на Америка ја праша за храната од нејзиното родно место, Свети Николе. Тоа е познатата овчеполска пастрмајлија.
„Има, да... Овчеполска пастрмајлија. Но, правиме и велешка пастрмајлија, по барање на муштериите кој како сака, но претежно ја правиме овчеполската пастрмајлија која е карактеристична за мојот град, мојот крај (Свети Николе)“, додава Соња.
Месените печива и јадења се познати во македонската традиционална кујна, па можеби и поради тоа се најбарани. Но, можноста да се јадат и да бидат приготвени во САД, далеку од дома, за Македонците е вистинско задоволство. За стружани и охриѓани има и питулици.
„Зелници, мазници, банички, буреци, пирошки, кифли. Питулици исто така, тоа е нешто традиционално од нашиот крај Струга и Охрид, питулици кои ги правиме со сирење или со праз. Тие ги нарачуваат многу често и за Македонската црква во Њу Џерси“, вели Зора.
Секој ден, вредните раце на Зора, Лилјана, Соња, Дејан и Насер подготвуваат домашни јадења, на менито има секој ден телешка чорба, во понеделник тавче гравче и мусака, во вторник полнети пиперки, четврток сарми, во петок посно гравче но и гравче со ребра. А, денес... Денес имаше вкусно селско месо.
На вака подготвеното јадење, на преубавиот мирис на македонската кујна не можат да му одолеат ниту Американците и сите кои живеат тука, па поради тоа се и секојдневни муштерии. Носталгијата за Македонија, тука во Шоп Експрес исчезнува.