Босна и Херцеговина, па веднаш зад неа Северна Македонија, е втора најзагадена држава во Европа во 2023 година. Во светски рамки, од вкупно 134 држави, земјата се наоѓа на 32 место. Ова го покажуваат анализите објавени неодамна, на швајцарската компанија „Ајкјуер“, која го мери квалитетот на воздухот. Веднаш зад земјава се, Црна Гора, Србија, Турција, Грција и Албанија. Македонските граѓани во просек дишеле 25,2, микрограми на метар кубен пм 2,5 честички.
„Оние честици, дефинирани како пм 10, пм 2,5 и пм 0,1, тоа се честички кои можат да навлезат преку дишните органи во белите дробови и да предизвикаат најразлични болести, најразлични штети и заболувања, вели Сашо Точков, директор на Центарот за јавно здравје од Охрид.
Точков вели дека треба да се види, од каде е изворот на загадувањето, како се создаваат и распоредуваат во атмосферата овие пм честички и колкава е изложеноста на луѓето од нив. Аерозагадувањето е најмногу присутно од октомври до март месец, кога е и период на грејна сезона.
„Кога голем број на индивидуални ложишта се активни и произведуваат загадени материи, чад, прашина. Да не зборувам за овие пм честички и некои сулфурни и азотни оксиди, јагленот моноксид и сето она што го прати аерозагадувањето. Тука своето го прави и сообраќајот, каде се поголем број на возила се возат“, вели Точков.
Мапата која ја направи граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, покажува дека повеќе од 700 јавни објекти на централно и локално ниво од болници до училишта, градинки судови, касарни се греат на дрва, нафта, мазут, пелети, кои се меѓу најголемите загадувачи. Според нив седум, големи болници по македонските градови секоја зима за да се загреат трошат околу 1520 тони мазут.