Македонија четири години дел од најмоќниот воено-политички Сојуз

Flags of Macedonia - USA - NATO at the Square of Skopje, North Macedonia

Веќе четири години земјата е дел од најмоќниот воено-политички Сојуз во кој влезе по исполнувањето на потребните критериуми, но и по компромисот со Грција и потпишувањето на Преспанскиот договор кој значеше промена на уставното име. Отсташките вредеа, вели владиниот врв кој денеска се собра за да ја одбележи годишнината од зачленувањето во Алијансата.

„Верувам дека сите граѓани се горди на снимката како знамето на С.Македонија се развиорува пред седишетот на НАТО. Таа слика е слика на историјата и на иднината на едно место. Денес, С. Македонија е вреднувана членка на Алијансата. Не само што живееме во стабилност и извесност, туку сме и фактор на стабилност на Западен Балкан“, рече премиерот на техничката влада, Талат Џафери.

Your browser doesn’t support HTML5

Македонија четири години дел од најмоќниот воено-политички Сојуз

Неполни две години по примемот на земјава во НАТО, Европа се соочи со незамисливото – војна од огромни размери на нејзиното тло. Во февруари 2022 Русија изврши инвазија врз Украина.

Вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ

„Денес има околности кои ни кажуваат дека сме биле на вистинската страна – имаме војна во Украина а ние сме на безбедната линија на границата. Финска и Шведска ја сменија својата вековна политика на неутралност за да станат членки на НАТО и во регионот 3 од 6 земји се членки на НАТО, а ние сме една од нив“, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Северна Македонија, иако меѓу последните земји што влегоа во НАТО го даде својот придонес како дел од напорите на Алијансата за помош на Украина во одбрана од руската агресија.

Министерка за одбрана, Славјанка Петровска

„Досега испративме 14 пакети воена опрема, спроведовме и обука, но и исшпративме силна порака – ќе продолжиме да и помагаме на Украина во борбата против агресорот Украина се до конечна победа, не постои друга опција“, вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Таа помош не е само симболична – за Украина, меѓудругото, заминаа тенкови Т-72, авиони Сухој-25, хеликоптери Ми-24, артилериско и пешадиско оружје... Дел од оваа опрема која со години не беше дел од формациското вооружување на АРМ веќе се најде на украинскиот фронт.

Земјава, по влезот во НАТО, успеа да го зголеми процентот од БДП кој оди за одбраната – годинава е нешто над два проценти, и го продолжи процесот на модернизирање на армијата.

Се набавуваат осум нови мултифункционални хеликоптери, лесни оклопни возила од САД - JLTV и STRYKER, систем за противвоздушна одбрана, информатичка опрема, како и опрема за сајбер одбрана...