Љупчо Тасевски веќе четири години живее и работи во Тел Авив, Израел, поточно во ресторан на плажите во Тел Авив, во центарот на градот. За Глас на Америка вели дека ситуацијата е напната и тешка и оти се повеќе Македонци, бараат начин како да го напуштат Израел после нападот на терористичката организација Хамас од појасот Газа кон Израел, за кој вели дека бил страшно силен напад.
„Состојбата во Израел воопшто не е добра. Израел е во војна. Во саботата наутро бевме разбудени од сирените за узбуна. Хамас изведе неочекуван напад, кој е од невидени размери досега во нивната меѓусебна војна и конфликт. Огромен е бројот на загинати и надминува 700 и скоро 3.000 повредени. Голем проблем претставува и големиот број на киднапирани и заробени војници и цивили. Тоа може да го смени текот на офанзивата која вчера започна од страната на Израел, бидејќи некој се за спасување, некои се за уништување, а бесот е огромен кај Израелците, после ова што се случи. Израел беше нападнат од Хамас. На 12 места беше пробиена оградата помеѓу Израел и појасот Газа. Беше нападнат еден музички фестивал, каде се претпоставува дека повеќе од 250 млади се убиени и исчезнати. Значи сликите се страшни кои се вртеа по телевизиските канали. Нивниот гнев е огромен. Не знам како ова ќе се одвива во иднина“, вели тој.
Your browser doesn’t support HTML5
Во Израел според некои податоци живеат околу 200 до 300 Македонци. Многу од нив се пријавиле да се вратат во Македонија.
„Македонците кои се овде во Израел, кои јас ги познавам се на безбедно, бидејќи ние фигурираме во Тел Авив и околината на Тел Авив, значи во Батијам Раматган, Холон. Амбасадорот не контактираше уште првиот ден и ни ги кажа протоколите на кои начин да се пријават тие што сакат да се пријават. Во постојан контакт сме со амбасадата. Се пријавија многу Македонци кои сакаат да си одат, некои веќе заминаа. Евакуацијата оди тешко, бидејќи се откажани сите летови. Вчера српската амбасада, обезбеди лет за околу 100 граѓани. Српската амбасада е во контакт и со македонската амбасада и дел од тие луѓе биле и двајца Македонци“, вели тој.
Љупчо вели дека засега не планира да го напушти Израел.
„Како што кажав ситуацијата овде е комплицирана и тешка, но се уште не планирам да заминам. Не сум се уште пријавен за евакуација. Во последните 48 часа во Тел Авив, Батијан и околните места имаше околу осум узбуни за ракетен напад, но одбранбениот систем на Израел за Тел Авив е доста ефикасен. Но, неколку остатоци од ракети кои се пресретнати во воздух, се паднати на паркинзи во околината на Тел Авив, Батијан, без предизвикани материјални штети. Според мои претпоставки во Израел има околу 200-300 Македонци кои се на привремена работа. Педесетина познавам јас, а има и жители со македонско потекло, доселени во последните 20-30 години. Мислам дека сме безбедни во моментот. Некој од нив побараа евакуација. Амбасадата ги собира податоците. Не знам како ќе оди тоа, најверојатно заедно со некои балкански земји“, рече тој.
Љупчо вели дека во моментот Тел Авив е празен.
„Во Тел Авив е мирно, нема народ , нема многу движење. Ситуацијата е таква, да психозата кај луѓето е очигледна. Се надевам дека наскоро ќе се нормализира состојбата. Супермаркетите работат, аптеките се отворени, снабдувањето е нормално, нема недостиг на намирници. Нема паники, масовно купување. Да се надеваме дека се ќе се среди. Но, не работат ресторани, има затворени фабрики“, вели Тасевски.
Љупчо вели дека ова ќе ја промени сликата во овој дел од светот, и оти кој и да доминира во оваа војна, повеќе ништо нема да биде исто.
„Многу изгубија и Арапите. Арапите што се овде и кои ги познавам јас се против целата оваа ситуација. Тие се против војна и насилство. Арапите кои работат во Израел, живеат убаво. Ги има во огромен број кој доаѓаат во Ерусалим. Според некои проценки, околу 25.000- 30.000 Арапи, веќе не одат на работа во еврејски компании и тоа е голем удар исто за нив“, рече тој.