Мачно и морничаво – Обвинителството ги презентираше материјалните докази за убиството на Вања

Книга на жалоста за Вања Ѓорчевска

Двете жртви се ладнокрвно егзекутирани со истрел во главата од непосредна близина. Клечеле пред ликвидацијата. На лепливата трака залепена на устата на Вања најдени ДНК траги од обвинетиот Манев. Жртвите имале тешко психичко страдање пред смртта

СКОПЈЕ – На денешното рочиште во судскиот процес за убиството на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски, Обвинителството ги презентираше материјалните докази собрани во истрагата кои покажуваат како биле извршени двете ликвидации. Недолжните жртви претрпеле сериозно и тешко психичко страдање во последните моменти од животот а сите обвинети биле пресметливи во моментот на извршување на убиствата.

Доказите ги презентираше обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.

На колената и чевлите на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска имало траги од кал што укажува дека била на влажен терен и не ја исклучува можноста дека клечела пред да биде ликвидирана. Пукано е во неа од непосредна близина а убиецот стоел зад неа и надесно. При обдукцијата, судиските вештаци го наоѓаат куршумот во телото на Ѓорчевска. На самолепливата лента која и била залепена на устата за да не може да вика се најдени ДНК траги и на обвинетиот Велибор Манев.

Жежовски исто така е убиен со еден истрел во главата и исто така со куршум со калибар од 9 милиметри. Во близина на местото каде ќе биде убиен и закопан Жежовски истражителите ја нашле чаурата од испуканиот куршум - произведен од „Сувенир” во 2002 година.

Обвинителката Крстевска Јосифовска кажа дека психијатриското вештачење на обвинетите потврдиле дека биле пресметливи.

Презентирањето на доказите ги вознемири присутните во судницата а најмногу реакции имаше од обвинетиот Палевски.

Откако ќе заврши презентирањето на материјалните докази на Обвинителство, следува сослушување на сведоци на одбраната.

На обвинителната клупа се Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Влатко Кешишов, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој се товари за помагање кои се изјснија за невини на почетокот на судскиот процес.