Албанската опозиција, како и сите политички фактори во државата да бидат вклучени во финалните преговори за спорот за името. Ова за Гласот на Америка го изјави Лидерот на Алијансата на албанците, Зијадин Села, според кого е многу важно да има широк консензус по ова прашање. Села изјави дека за Албанците во Македонија, но и за нив како опозиција, е неприфатлив каков и да е предлог, којшто има за цел словенизација на името.
„Отпаѓа од комбинација името Славо-Македонија, отпаѓа од комбинација и предлогот кој се слуша во јавноста и од дипломатски извори, дека би било со некоја георафска одредница, само на кирилично писмо и на македонски јазик. Тоа за Албанците би било неприфатливо. Секој друг предлог би бил прифатлив за нас“. Села додаде дека „решение за името, на земјата ќе и` донесе членство во НАТО, како и одблокирање на процесите за пристапување кон ЕУ“.
Во меѓувреме, група од дваесеттина албански интелектуалци, подготвуваат меморандум што ќе биде испратен до владата, а со којшто бараат новото име на државата да ја одразува бројноста на албанската заедница во Македонија.
Шпетим Положани, еден од иницијаторите, вели дека немаат ништо против македонскиот идентитет и култура, но оти се против идентификација на името на државата со името на нацијата.
„Источна и Северна, не ни` одговараат, затоа што тука има некои територијални претензии. Како прифатливи, за кој и ние би сакале да се вклучиме, се терминот Република Македонија (Скопје) и Нова Македонија, но во тој термин да се рефлектира историскиот легалитет и легитимитет на Албанците на овие простори“, изјави Положани.
Оваа група интелектуалци бара и тие да бидат вклучени во преговорите, кои последниот период добиваат на динамика. Веќе биле формирани совети во неколку градови низ Македонија. На формулација на меморандумот работеле тимови од експерти од повеќе области.
Документот се очекува до Владата да се достави за десетина дена.