Во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон се дискутираше за новиот концепт на НАТО изработен од експертска група назначена од генералниот секретар Андерс Фог Расмусен, а со која претседава поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт.
НАТО има натамошна задача да ја гарантира безбедноста на своите членки, но целта може да ја постигне доколку динамично се ангажира со земјите и организациите надвор од своите граници, подвлече Олбрајт на петочната трибина насловена „Еволуција на НАТО – стратешки концепт за 2010-та и натаму“.
„НАТО може да влијае на безбедноста и преку продолжување на политиката на постепено проширување. Потенцијалните членки на Алијансата од Западен Балкан и евро-атлантскиот регион пошироко имаат право на чесно разгледување на нивните аспирации, врз основа на истите правила што важеа за веќе постојните земји-членки“, рече поранешната американска државна секретарка.
Курт Вокер, поранешен амбасадор на САД во НАТО, смета дека на патот на Македонија кон НАТО, обете страни во спорот околу името треба на прв план да го стават интересот на граѓаните.
„Навистина е трагично, бидејќи сакаме да видиме човеков напредок, демократија, пазарна економија, владеење на правото, стабилност, безбедност, а на Балканот имаме многу незавршена работа. Регионот би требало да биде дел од главнината Европа и го има секое право да се развива на ист начин како и Западна или Централна Европа. Проблемот со името претставува пречка на тој пат. Останува на двете држави да изнајдат компромис, а не само една од нив. Инволвираните страни треба на прв план да ги стават интересите на граѓаните и нивната благосостојба и да најдат начини да се справат со прашањата како идентитет, име, јазик и слично, без да го спречат тој долгорочен човеков развој на населението. Токму тоа во моментов е спречено“, кажа Вокер.
Тој за Гласот на Америка на македонски изјави и дека е важно да се смират страстите.
„Потпалување на политика за идентитет или тврдење за идентитетот- една влада не треба да се бави со тоа - треба прво да се грижи за благосостојбата на народот“, кажа Вокер.
За Џејми Ши, директор за политичко планирање од приватната канцеларија на Генералниот секретар на НАТО, кој говореше преку видео-врска од Брисел, апсолутно е потребно обете страни да прифатат некаков компромис, а тоа нема да се случи ако, како што кажа, една од државите чини сто проценти, а другата – нула.