Викиликс објави доверливи американски информации

Викиликс објави доверливи американски информации

Викилкс неделата соопшти дека нејзината страница станала мета на кибернетски напад, но дека подоцна повторно станала оперативна

Интернет-страницата Викиликс објави стотици илјади американски дипломатски доверливи телеграми, што наиде на осуда од страна на американската влада.

Документите нудат детали за отворена дипломатска проценка на светските лидери и настани, како и цитати од дискусии на високо ниво со официјални лица ширум светот.

Весниците Њујорк тајмс и британскиот Гвардијан, кои се меѓу оние на кои однапред им бил даден пристап до документите, наведуваат дека меѓу телеграмите има такви што наведуваат дека кралот на Саудиска Арабија Абдула неколкупати побарал од САД да го нападнат Иран за да ја уништат неговата нуклеарна програма и „да ја отсечат главата на змијата“.

Во медиумските извештаи се наведува и дека САД уште од 2007-ма тајно се обидувале да отстранат високозбогатен ураниум од пакистански нуклеарен реактор. Американски официјални лица стравуваат дека ураниумот може да биде пренасочен и употребен за „нелегална нуклеарна направа“.

Во извештаите стои и дека виш член на кинеското Политбиро ги режирал хакерските упади во компјутерскиот систем на Гугл.

Белата куќа го осуди објавувањето на документите, велејќи дека потегот на Викиликс ја става во ризик каузата на човековите права и животите и работата на споменатите.

Викилкс неделата соопшти дека нејзината страница станала мета на кибернетски напад, но дека подоцна повторно станала оперативна.