Расте бројот на смртни случаи од непреносливите болести, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Во својот прв извештај за глобалниот статус на ваквиот вид на заболување, СЗО наведува дека најголем убиец се кардиоваскуларните болести што земаат 17 милиони животи годишно, а по нив следат ракот, респираторните болести и дијабетесот. Речиси 80 проценти од нив се во земјите со мали или средни примања.
Извештајот е објавен непосредно пред дводневниот форум на СЗО за здрав начин на живеење и контрола на непреносливите болести, што денес започнува во Москва.
Рускиот премиер Владимир Путин ќе се приклучи на делегатите од 160 земји-членки на СЗО, меѓу кои и САД и Германија, кои ќе разговаат за популаризацијата на здравиот начин на живеење и заострување на регулативите за алкохолот и тутунот.
Директорката на СЗО Маргарет Кан кажа дека непреносливите болести чинат милијарди долари и фрлаат многумина болни во крајна сиромаштија.