Македонија е пријател со соседите, цврсто ориентирана кон НАТО и ЕУ

Македонскиот премиер Зоран Заев се обрати на 72-рото Генерално собрание на ОН

"Наша цел е да ја забрзаме интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО", рече македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето на 72-то Генерално собрание на ОН во Њујорк.

Тој истакна дека негова цел е да ја врати демократијата во земјата, да изгради професионални и независни институции и да го подобри стандардот на живеење за секој граѓанин.

Премиерот ја подвлече цврстата определба на Македонија кон мултилатерализмот. „Ќе продолжиме да соработуваме со сите членки на ОН во зацврстување на светскиот мир и безбедноста, промовирање на човековите права и постигнување на целите на Светската организација за одржлив развој“.

"Уверен сум дека ја имаме истата цел", нагласи Заев - мир во светот. Тој изрази уверување дека Македонија споделува исти заложби со членките на ОН: пристоен живот за сите во одржлива животна средина.

"Мирот, заложбата за пристоен живот и заедничките решенија се вредностите преку кои Македонија успеа да надмине длабока политичка криза која дури го брануваше и нашиот регион", подвлече тој.

Од говорницата на Ист Ривер, шефот на македонската влада потсети дека Македонија е мала земја полна со различности. „Минавме низ тешки искушенија, бидејќи се обединивме околу заедничките вредности. Затоа Република Македонија денес е слободна, безбедна и стабилна“, нагласи премиерот од говорницата на ОН во Њујорк.