Пакистан ги отфрли наодите на американската истрага

Пакистан ги отфрли наодите на американската истрага

На извештајот за минатомесечниот напад во кој загинаа 24 пакистански војници му “недостигаат факти“, тврди армијата

Пакистанската армија денес го отфрли извештајот на американската истрага за минатомесечниот напад на коалиционите сили на границата со Авганистан во кој загинаа 24 пакистански војници.

Армијата смета дека на наодите на истрагата им „недостигаат факти“ и најави подетален одговор откако ќе ја прими официјалната верзија на извештајот.

Американски армиски претставници лица вчера ја фрлија кривицата за нападот на несоодветната кооординација меѓу пакистанските и американските сили. Бригадниот генерал Стивен Кларк, кој раководеше со истрагата, кажа дека „распространетата недоверба“ меѓу двете земји ги спречила обете страни да добијат конкретни детали за армиските сили и борбените локации.

Според портпаролот на Пентагон Џорџ Литл, истрагата утврдила дека американските сили, со оглед на информациите што ги имале на располагање, реагирале „во самоодбрана и со соодветна сила откако врз нив бил отворен оган“. Тој кажа и дека американските офицери споделиле неточни картографски информации со Пакистанците, што довело до недоразбирање за локациите на пакистанските армиски пунктови долж границата. Тоа, заклучи портпаролот, заедно со други пропусти во информирањето за активностите и локациите на единиците од двете страни, довело до трагичниот резултат. Сепак, истрагата заклучи дека „немало намерен обид“ на американските сили да ја залажат или пак да целат на пакистанската армија.

Пентагон изрази „длабоко жалење“ и „искрени сочувства“ за инцидентот, но не го исполни пакистанското барање за целосно извинување.

Пакистан одби да соработува со истрагата. Претставници на Пентагон вчера соопштија дека првиот човек на пакистанската армија, генералот Ашфак Кајани бил известен за наодите на истрагата.