Иран ослободи Американка

Американскиот претседател Барак Обама ја поздрави веста за ослободувањето на Шурд

Сара Шурд по една година мината во затвор во Иран се сретна со мајка и`. 32-годишната Американка се виде со членови на семејството на аеродромот во Оман, само неколку часови откако иранските власти ја ослободија од затворот Евин во Техеран.

Во затворот се` уште се наоѓаат нејзините пријатели Шејн Бауер и Џош Фатал, со кои беше уапсена во јули 2009-та, откако преминале во Иран од северен Ирак додека планинареле во пограничната област. Иран ги обвини за шпионажа и илегално минување на границата. Нивните семејства тврдат дека тие случајно влегле на иранска територија.

Американскиот претседател Барак Обама ја поздрави веста за ослободувањето на Шурд и изрази надеж дека иранската влада ќе се погрижи да се вратат дома и другите двајца притвореници, како и други Американци кои или исчезнале, или пак се притворени во Иран.

Иранските власти соопштија дека притворот на Бауер и Фатал ќе биде продолжен за уште два месеца.