Aмериканска глобална програма против гладта - успешна

Aмериканска глобална програма против гладта - успешна

Во извештајот за состојбата со гладта за 2011-та, невладината група „Леб за светот“ вели дека иницијативата позната под името „Нахранете ја иднината“ e можеби најдобрата можност со децении за САД да напреднат во оваа област

Во минатото, невладината група „Леб за светот“ беше критички настроена кон американската надворешна политика заради нефокусирањето на намалување на сиромаштијата. Но, на прес-конференција во Вашингтон, претседателот на групата Дејвид Бекман, годинава настапи со поинаква оценка. Тој ја поздрави програмата на администрацијата на Обама „Нахранете ја иднината“, тригодишен проект во вредност од 3,5 милијарди долари со цел да се помогне за развој на земјоделството. Целта е да се намали сиромаштијата и неухранетоста во 20 земји со зголемување на продуктивноста на малите фармери и земјоделската индустрија.

Бекман подвлече дека „Нахранете ја иднината“ е различна од претходните напори во една работа. Луѓето кои ја примаат помошта ги прават приоритетите за нивно користење.

Влади, бизниси и граѓански групи одлучуваат каде сакаат да инвестираат по примањето на помошта. Тоа може да значи во програми за исхрана во училишта, пристап до семе и вештачко ѓубриво, развој на руралната инфраструктура и други начини за подобрување на безбедноста на храната, што тие ќе ги идентификуваат како приоритети.

Бекман е добитник на престижната Награда за светска храна. Тој вели:

„Се обидуваме да обезбедиме растеж на земјоделитето со кој ќе се намали сиримаштијата и гладта. Затоа има многу смисол да видиме дали бебињата се подобро исхранети“.

Раџиф Шах е шеф на американската агенција за меѓународен развој, која ја надгледува работата на програмата. Тој вака ги изрази своите очекувања од неа:

„Речиси милијарда луѓе во светот вечерва ќе одат в кревет гладни. Ние не очекуваме дека ќе ја елиминираме гладта во петгодишен период, но за кус рок можеме да помогнеме да се надмине проблемот со недостаток на храна во пет до десет држави.

Сега, вели Шах, УСАИД ги разгледува плановите од пет држави кои ќе им помогнат на 6,5 милиони семејства:

„Ако има шест и пол милиони семејства на кои може да им се помогне тоа значи дека на исто толку луѓе ќе им го промениме животот на подобро“, вели тој.