Срѓан Керим: ОН не можат без САД, но и обратно

Срѓан Керим: ОН не можат без САД, но и обратно

Генералното собрание е токму оној пункт во ОН каде може да се обезбеди на секоја земја-членка да оди по патот на процедурата

„Моето разбирање за дипломатите е секогаш да се обидуваат да отвораат врати, иако честопати се затворени. Понекогаш, мора да отворите прозорци, но ако и тие се затворени, трета шанса ви е оџакот“, со насмевка вели Срѓан Керим во документарецот „Отворање на врати“, кој фрла поглед на неговата работа зад вратите на ОН.

Глас на Америка: Г-не Керим, како гледате на улогата на САД во промовирање на мултилатерализмот како еден од принципите за решавање на прашања од доменот на ОН?

Срѓан Керим: Америка не е само најголемиот финансиски контрибутор на ОН, туку и како постојана земја-членка на Советот за безбедност, и земја која игра клучна улога во светскиот мултилатерализам, е важен фактор. Не можат Обединетите нации без Америка, но и Америка мора да знае и прифати дека и таа не може без ОН.

Глас на Америка: Во повеќе наврати сте рекле дека нема големи и мали земји. Колку е тоа остварливо во праксата во ОН?

Срѓан Керим: Генералното собрание е токму оној пункт во ОН каде може да се обезбеди на секоја земја-членка да оди по патот на процедурата, од иницијатива и идеја, до реализација и усвојување на една резолуција. Да се потсетиме, Македонија беше иницијатор на една резолуција пред повеќе од 10-15 години за соработката и безбедноста во Југоисточна Европа. Таа помина во Генералното собрание, така што и ние имаме оставено печат. Сите мали земји преку Генералното собрание имаат шанса да се афирмираат, предлагаат и да даваат свој тон на општата агенда на Генералното собрание.