Вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи, присуствуваше на конференција во Стејт департментот за заживување на проектот за зголемување на бројот на жени во јавниот сектор на локално, национално и меѓународно ниво. За впечатоците од состанокот меѓу 40 учесници од 37 земји во светот, вели:
„Женските права се човекови права. Ангажирањето за поголемо присуство на жените не само во политичкиот и јавниот живот туку и во целиот процес на градење на општеството е многу значајно, затоа што на процесите им се дава еден нов квалитет кој очигледно недостига кога жените не се дел од процесот“.
Таа е прва жена-Албанка која станала парламентарка во Македонија. Горда е што Македонија е една од земјите која предничи во застапеност на жените на изборни функции и се залага за промовирање на еднаквоста на жените и мажите во сите сфери на општеството.
Таа во Вашингтон се сретнала со официјални американски лица, на кои им го пренела очекувањето на Македонија.
„Нашето инсистирање е следниот самит на НАТО да биде успешен и ние да успееме да станеме полноправна членка. Сметам дека ние како земја треба да инвестираме труд, време и волја во градење силни и отворени односи со администрацијата во САД, затоа што мислам дека се работи за еден битен стратешки партнер не само за Македонија, туку и на регионот, кој помагал во овие 20-годишни процеси на градење мир и демократија во регионот“, вели Арифи.
Нејзиниот впечаток е дека во САД позитивно се гледа на фактот што реакциите во Македонија по одлуката на судот во Хаг не се еуфористички, ниту триумфалистички, и тоа се цени како политичка зрелост на политичките актери во Република Македонија. Вицепремиерката Арифи рече дека американската администрација останува заинтересирана спорот со името да се надмине што е можно побрзо.