Се разгорува насилството во сирискиот град Хомс

Се разгорува насилството во сирискиот град Хомс

Сириската армија продолжи со напади врз седиштето на демонстрантите во градот Хомс, при што наводно се убиени десетици цивили, во време кога Русија се изјасни дека светот се соочува со растечки „култ на насилство“ во меѓународните прашања и го предупреди Западот против надворешна интервенција врз Сирија.

Сириската канцеларија за заштита на човековите права со седиште во Британија јави дека владините сили користат тенкови, проектили и минофрлачи да го разбијат отпорот во Хомс, при што убиле најмалку 50 луѓе, а направиле голема штета врз повеќе од 20 згради во квартови кои се под контрола на бунтовниците.

Петти ден по ред Хомс е средиште на бескрупулозна офанзива во која активистите велат дека загинале стотици лица. Точната бројка на жртви не може да биде потврдена затоа што Сирија не дава шанса за независно известување.

Рускиот премиер Владимир Путин ги осуди „сите облици на насилство независно од која страна доаѓаат“, но рече дека светот не може да реагира како „слон во продавница за порцелан“. Тој на руските верски водачи им рекол дека надворешните сили треба да ги остават сириските сили да сами да го решат конфликтот, и додал дека Москва не смее да дозволи настани како оние во Либија да се случат и во Сирија.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад го назначи својот заменик, потпретседателот Фарук ал-Шара да го води дијалогот со опозицијата по средбата со висок руски дипломат во Дамаск. Напорите од Арапската лига и Русија да организираат разговори беа отфрлени од сириските опозициони групи, кои се гневни на насилното згаснување на протестите од владата на Асад, за време на 11-месечното востание.

Британскиот премиер Дејвид Камерон рече дека нема многу доверба во руско-сириските напори, додека шефот на француската дипломатија Ален Жипе рече дека уверувањата на Асад се манипулација и не треба да се сфаќаат сериозно.

Турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давитоглу во Вашингтон треба да се сретне на разговори со конгресните лидери и државната секретарка Хилари Клинтон, која рече дека САД ќе работат со другите земји, да ги засилат санкциите против владата на Асад и ќе и` оневозможи да се наоружува во отсуство на резолуција на ОН.

Белата куќа рече дека Вашингтон ги истражува можностите за обезбедување хуманитарна помош за Сиријците во соработка со американските сојузници. Западни земји и арапските нации велат дека не сакаат воено да интервенираат во сириската криза. Американската влада ја затвори амбасадата во Дамаск како дел од кампањата на Запад и арапските свет за изолирање на Асад и вршење притисок врз него за ставање крај на насилството во земјата.

Франција, Италија и Шпанија ги повлекоа своите амбасадори од Дамаск, заради продолжувањето на репресијата од актуелната власт во земјата.

Сириската влада вината за ситуацијата ја става врз „вооружените терористи“ кои ја делат и саботираат државата.