Струга деновиве ќе живее со стихови од цел свет

  • Сашо Митан
    Известувач Охрид

Струга деновиве ќе живее со стихови од цел свет

Спроти почетокот на фестивалот, дел од учесниците веќе пристигнаа во Струга и во Македонија и ќе останат неколку дена, вели претседателот на Управниот одбор на фестивалот Славе Димоски

Со поетската манифестација „Меридијани" во четврток во Струга ќе започнат 49-те Струшки вечери на поезијата.

Оваа година лауреат е бугарскиот поет Љубомир Левчев. Носител е на 17 национални и меѓународни награди за поезија, речиси на сите континенти. Меѓународната поетска афирмација на Левчев започна токму во Македонија - неговата песна „Затворениците слушаат музика“ во превод на Гане Тодоровски е објавена во книжевниот весник „Разгледи“.

Спроти почетокот на фестивалот, дел од учесниците веќе пристигнаа во Струга и во Македонија и ќе останат неколку дена, вели претседателот на Управниот одбор на фестивалот Славе Димоски.

„Подготовките се завршени, програмата е затворена и списокот на странските гости, кои ги има околу 60-тина е затворен. Покрај нив, ќе се претстават и педесетина македонски поети“, вели Димоски.

Фестивалот годинава ќе се осовремени со нови содржини - мешање на жанровите - поезија, музика и сликарство и настап на музичари од Израел, Шпанија, Италија и Србија кои ќе изведуваат поезија. Посебно внимание на фестивалот што ќе се одржи од 19-ти до 22-ри август ќе биде ставено на „Ноќите без интерпункција“, кои лани потврдија дека се вистинско освежување на собирот на поети од цел свет.

„Новина е и што поетската сцена што ќе биде отворена 24 часа додека трае фестивалот“, вели Димоски.

Во рамките на светската поетска манифестација ќе бидат одбележани и 200 години од раѓањето на браќата Димитар и Константин Миладинови, а ќе се одржи и беседа по повод смртта на тројца поети, меѓу кои и на академикот Гане Тодороски, основачот на СВП.

Фестивалот ќе ги има и стандардните содржини - поетските читања „Мостови“ и „Меридијани“, Вечер на национална поезија, која годинава е посветена на азербејџанската, а ќе биде претставен и естонскиот поет Сиим Кера, добитник на наградата на УНЕСКО и СВП за дебитантска книга.

Наградата „Браќа Миладиновци“, која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу две фестивалски изданија, годинава му припадна на Владимир Мартиновски за стихозбирката - Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање.

Традиционално, секоја година во рамки на фестивалот се одржува и симпозиум посветен на поезијата, на кој учествуваат голем број поети со свои излагања. Темата овојпат е „Поезијата и мас-медиумите“.