Жестока критика за Обама во мемоарите на Гејтс

  • Ден Робинсон
Белата куќа ги отфрла нападите во синоќа објавените извадоци од книгата на поранешниот секретар за одбрана.
Поранешниот секретар за одбрана Роберт Гејтс беше единствениот од кабинетот на поранешниот претседател Џорџ В. Буш што влезе во новата влада на претседателот Барак Обама. Тој остана на чело на Пентагон се` до 2011-та, кога се пензионира и кога на негово место дојде Леон Панета.

Извадоците од книгата, што весниците Њујорк тајмс и Вашингтон ги пренесоа пред нејзиното објавување, содржат критика не само за Обама, туку и за други сегашни и поранешни официјални лица.

На тема - Авганистан, Гејтс пишува дека Обама се посомневал во сопствената стратегија, а едно време бил фрустриран поради генералот Дејвид Петреус, кој беше на чело на тамошните американски и НАТО-сили. Тој наведува дека Обама бил „скептичен, ако не и сосема убеден“ дека неговата стратегија нема да успее, дека не верувал на својот командант во Авганистан, како и дека „не можел да го поднесе“ авганистанскиот претседател Хамид Карзаи. Според Обама, пишува Гејтс, војната во Авганистан се свела исклучиво на тоа како да се излезе од земјата.

Па сепак, поранешниот прв човек на Пентагон истакнува дека никогаш не се посомневал во поддршката на претседателот за американските сили, без оглед што имал резерви за поддршката на Обама за нивната мисија. Претседателот, заокружува Гејтс, е „човек со личен интегритет“.

Кетлин Хајден, портпаролката на Советот за национална безбедност, во писмена изјава по овој повод реагира дека за размислите околу авганистанската политика се известувало надолго и нашироко во последниве години. Понатаму, таа вели дека Обама бил „посветен на исполнување на мисијата на попречување, растурање и поразување на Ал-Каида, истовремено обезбедувајќи да имаме јасен план за приведување на војната кон крај, односно годинава“.

Хајден додава и дека „како што и секогаш бил случајот, претседателот ги поздравува различните погледи во неговиот тим за национална безбедност, што ќе ги прошири неговите опции и ќе ги зајакне нашите политики“.

Гејтс во мемоарите го критикува и потпретседателот Џо Бајден, дека „не бил во право за речиси секое поглавно прашање од областа од надворешната политика и националната безбедост во последните четири децении“, како и дека ја заматил водата меѓу владата и армиските водачи.

Хајден возвраќа со забелешка дека „претседателот длабоко не се согласува со проценките на Гејтс. Од неговото лидерство во Сенатот во врска со Балканот, до неговите напори да стави крај на војната во Ирак, Џо Бајден е еден од водечките државници на неговото време, човекот што помогна да се прошири американското лидерство во светот“. Претседателот Обама секојдневно зависи од неговите добри совети, потенцира портпаролката.

Њујорк тајмс пишува дека иако го фали Џорџ В. Буш за засилувањата во Ирак што помогнаа да не пропадне тамошната мисија, Гејтс сепак го критикува поранешниот претседател дека ја пропуштил шансата за рани победи во Ирак и Авганистан.