Средба Попоски – Бан Ки Мун

На дневен ред спорот со името, Сирија, одржливиот развој во светот.

Mакедонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски ја оцени получасовната средба со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Њујорк вторникот доцна навечер по македонско време како конструктивна. Попоски за Гласот на Америка на македонски изјави дека во еден дел разговарале за глобалните предизвици, ситуацијата во Сирија, иницијативите за одржлив развој во светот, а во друг за спорот со името.

Од Канцеларијата на портпаролот на Генералниот секретар на ОН ги наведуваат истите теми. „Разговараа за важноста да се појде напред во решавањето на прашањето за името. Дискусијата ја допре ситуацијата во Сирија и претстојната Конференција на ОН за одржлив развој во Рио де Жанеиро во јуни“, стои во кусото соопштение на Светската организација.

Запрашан за темпирањето на средбата пред Самитот на НАТО во Чикаго во мај, Попоски изјави: „Не би ги поврзувал двата настани еден со друг. Ние сме земја која ги има исполнето критериумите за членство во НАТО уште во 2008-ма. На овој самит може само да се констатира дека Македонија ги има исполнето сите критериуми и ние веќе се однесуваме како членка“, рече Попоски.

Тој го информирал првиот човек на Светската организација за одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, и, како што рече, реперкусиите кои ги има Македонија од спорот. Попоски коментираше дека непредвидливоста во билатералните односи не може да биде конструктивен фактор во надминување на кој и да е` билатерален проблем.

Попоски во Њујорк се сретнал и со специјалниот посредник на ОН за спорот за името Метју Нимиц, но не даде детали.

Шефот на македонската дијаспора го продолжува престојот во САД со посетата на Вашингтон, каде ќе има средби со сенатори и конгресмени. За Попоски, посетата е дел од редовната, интензивна комуникација со стратешките партнери на Македонија, а особено САД како клучна земја во НАТО.