Tрета регионална лидерска средба во Охрид

  • Сашо Митан
    Известувач Охрид

Tрета регионална лидерска средба во Охрид

Претседателот на Македонија домаќин на колегите од Албанија, Црна Гора и Косово

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во Охрид ќе биде домаќин на неговите колеги од Албанија, Бамир Топи, Црна Гора, Филип Вујановиќ и Косово, Атифете Јахјага, учесници на Регионалната лидерска средба - „Охрид Самит 2011".

Од лидерскиот самит, трет по ред во овој формат, по средбите во Валона во 2009-та и Призрен во 2010-та година, се очекува да произлезат иницијативи за нови регионални проекти, особено во инфраструктурното и енергетското поврзување.

Според најавите, претседателот Иванов ќе предложи поширока листа на можности за јакнење на регионалната соработка и ќе апелира во вид на неформален заклучок да се одредат приоритетите на кои ќе се фокусира соработката во периодот до следниот состанок. Во Охрид шефот на македонската држава треба да покрене и предлог доколку се појави ургентна потреба, а по примерот на земјите-членки на ЕУ, претседателите од регионот да се среќаваат почесто, а не само еднаш годишно.

Работниот дел од средбата започнува утре претпладне, со билатерални средби. Околу пладне треба да се одржи заедничката, пленарна средба на самитот, по што ќе следи официјална фото-сесија и заедничка прес-конференција.

Претседателот Иванов за колегите од регионот им подготвува и прошетка со брод по Охридското Езеро, по што ќе следи и официјален ручек.

Претседателите ќе учествуваат и на отворањето на 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“, на кое во Античкиот театар ќе ја проследат изведбата на „Трилогија Романа“ од Оторино Респиги, со Македонската филхармонија.