Американскиот претседател до Конгресот ќе претстави нов план за отворање на работни места и намалување на буџетскиот дефицит. Барак Обама планира тоа да го стори на почетокот на наредниот месец, откако тој и Конгресот ќе се вратат од летен одмор.
Претставници на Белата куќа наведуваат дека Обама најверојатно ќе повика на намалување на даноците, инвестиции во инфраструктурата и помош за невработените на подолг период.
Претседателот ги најави новите економски идеи на тридневната турнеја и средби со гласачите по Средниот Запад. Негова последна станица денеска беше домашниот Илиноис. Отворањето на нови работни места беше клучна тема и на средбите во Минесота и Ајова.
Републиканците ја критикуваа неговата турнеја, а некои од нив ја нарекоа кампања за која плаќаат даночните обврзници. Претседателските кандидати од републиканскиот табор го нападнаа и економскиот учинок на Обама, наведувајќи дека опоравокот забавува а невработеноста и натаму е над 9%.