Американскиот претседател Барак Обама наредните три дена ќе ги мине на турнеја со автобус низ две јужни сојузни држави, во обид да ја зајакне јавната поддршка за неговиот предлог за создавање на нови работни места.
Прва станица на претседателот е Ешвил, Северна Каролина, а ќе престојува и во Вирџинија. Двете сојузни држави вообичаено се наклонети кон републиканците, но Обама таму однесе победа на изборите во 2008-ма, а се надева на ист резултат и во обидот за реизбор наредната година. Анкетите сега укажуваат дека поддршката за него опаднала во обете држави, онака како што забавуваше американскиот економски опоравок.
Соработници на Обама подвлекуваат дека автобуската турнеја не е насочена кон неговиот реизбор, туку кон иницијативата за нови работни места. Тие најавуваат дека претседателот ќе го повика Конгресот најпрвин да одобри 35 милијарди долари помош за владите на сојузните држави и властите на локално ниво, за да им помогне да спречат отпуштања на наставници, полицајци и пожарникари.
Републиканското малцинство во Сенатот минатата недела го блокираше целиот пакет на предлог-законот за работни места на Обама, по што тој повика пратениците да се изјаснат за него дел по дел. Републиканците поддржуваат некои делови, но тврдат дека целиот закон, вреден 447 милијарди долари, вклучува неодговорни трошоци и зголемување на даноците за најбогатите Американци, што само би довело до укинување на работни места.
Ова е втора автобуска турнеја на Обама – во април посети држави од Средниот Запад, вршејќи притисок врз Конгресот да ја усвои неговата економска политика.