Обама го поздрави сојузот меѓу САД и Австралија

Обама го поздрави сојузот меѓу САД и Австралија

Настаните во азиско-пацифичкиот регион во голема мера ќе го дефинират векот, рече американскиот претседател во австралискиот парламент.

Американскиот претседател Барак Обама го поздрави сојузот меѓу САД и Австралија при посетата на армиска база во Дарвин, градот каде наскоро ќе бидат стационирани до 2.500 американски војници.

Обама се обрати пред публика од американски и австралиски војници пред да замине за Бали, Индонезија, каде ќе учествува на Самитот на Источна Азија.

Претходно, Обама во австралискиот парламент рече дека настаните во азиско-пацифичкиот регион во голема мера ќе го дефинират векот пред нас и дека американското присуство во регионот е приоритет на неговата влада.

Со договорот за распоредување на американски сили во Австралија, што вчера го постигнаа Обама и австралиската премиерка Џулија Гилард, 200 до 250 маринци ќе бидат стационирани во база во северниот дел на земјата, а нивниот состав ќе се менува на секои шест месеци. Бројот на маринците во базата со тек на време ќе нарасне до 2.500.