Дискутантите заклучија дека по 29-та членка Црна Гора, политиката на отворени врати мора да продолжи. Како да се искористи членството на Црна Гора, како поттик за другите аспиранти дека политиката на отворени врати на НАТО не е згасната? На конференцијата во Атланскиот совет, беше констатирано дека НАТО има користи од понатамошно проширување и тоа треба да продолжи - иако процесот е забавен изминатите години.
Сали Пеинтер, членка на американскиот комитет за НАТО, за проширувањето, вели:
„Покажува дека тоа е можно и за Македонија. Се надевам дека сега Црна Гора ќе и помогне на Македонија на патот кон НАТО, со оглед дека земјата веќе има реализирано 10 Акциони планови за членство во Алијансата и заслужува членство“, коментира Пеинтер.
Македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски вели дека од досегашните средби со сенатори, конгресмени и виши официјални лица од американската администрација, добил уверување дека поддршката за проширувањето на НАТО нема да изостане.
„Што повеќе НАТО во регионот, толку регионот е постабилен, попросперитетен“, коментира Јолевски.
Меѓутоа, Македонија и натаму се наоѓа пред вратите на НАТО поради нерешеното прашање за проблемот со името.
Со оглед на последните влијанија од Русија, која остро се противи на секое идно проширување, поранешниот амбасадор на САД во НАТО и актуелен извршен директор на Институт Мекејн, Курт Вокер за Гласот на Америка ги коментира очекувањата од Самитот во Варшава.
„Најпрво, Црна Гора ќе биде поканета да му се приклучи на НАТО на самитот во Варшава. Тоа е позитивен сигнал и за Македонија. Тоа покажува дека процесот на проширување на НАТО продолжува. Иако е забавен во последните осум години, тоа треба да биде охрабрување за земјата, дека со демократските реформи е можно членство. Втора работа е што прашањето за името не е решено, тоа треба да се реши за да има консензус за членство“, коментира Вокер.
Тој не го поврзува членството во НАТО со промена на името:
„Македонија мора да постигне договор со Грција за прашањето за името за да може да движи напред на сите полиња. Во меѓународните односи, трговијата, патот кон ЕУ, за да ја направи перспективата за членство во НАТО пореална во блиска иднина. Тоа сега не е ниту на маса поради домашните политички проблеми. Ако го отстрани проблемот со името, Македонија ќе нема пречка“, додава овој американски аналитичар.
Сепак, дискутантите на конференцијата во организација на Атлантскиот совет, сметаат дека не станува збор за нова бафер – зона меѓу НАТО и Русија, кога се работи за Балканот и членството во Алијансата, затоа што, како што заклучија, секоја земја го трасира сопствениот пат и ориентација дали сака да биде дел од заедничкиот безбедносен чадор.