Македонија заслужува да биде во НАТО

Потврда - учеството во мисијата во Авганистан, потенцираше министерот Попоски во институтот Брукингс.

Фактот дека половина од земјите на Балканот се веќе членки на НАТО е дополнителен поттик Македонија и другите да влезат во Алијансата, потенцираше министерот за надворешни работи Никола Попоски во институцијата Брукингс во Вашингтон, на тркалезна маса за предизвиците и можностите за поголема стабилност и безбедност во регионот.

На прашање за актуелните меѓуетнички односи во земјата, Попоски кажа дека Македонија не е изолиран остров и дека секоја напнатост во земјата се одразува и врз регионот, но и обратно, па затоа предложи дека најдобар рецепт е интеграцијата и поголема регионална соработка.

Човекот на чело на македонската дипломатија особено се задржа на придонесот на македонските мировни сили во Авганистан, нагласувајќи дека земјата, од увозник, станала извозник на безбедноста во регионот. Така, Македонија веќе со години се однесува како земја-членка на НАТО, заклучи министерот.

Попоски рече дека неговата мисија во Вашингтон е да обезбеди поголема поддршка за интеграцијата на Македонија во евроатлантските институции.

Пред претставници на невладини организации, институти, но и на американската влада, Попоски коментираше дека владата спроведува реформи во Македонија за подобар живот на даночните обврзници, а не само за идејата за членство во ЕУ и НАТО. Тој ја подвлече и, како што рече, успешната економска приказна на Македонија со ниско ниво на задолженост, едноцифрена инфлација и стабилна валута, како неопходни критериуми за влез во еврозоната.