НАТО ја дочека веста за сменувањето на командантот на Алијансата, генералот Стенли Мекристал, со изјава дека таа не значи и промена на курсот во Авганистан.
„Иако тој повеќе нема да биде командант, пристапот што го постави е вистинскиот. Неговата стратегија ќе ја има поддршката од НАТО и нашите сили ќе продолжат да ја спроведуваат“, рече генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмунсен, кој му се заблагодари на Мекристал за неговата служба во рамки на Алијансата.
Мекристал поднесе оставка на функцијата по напис во магазинот Ролинг стоун во кој тој и неговиот персонал се цитирани како се потсмеваат на виши претставници на владата на Барак Обама. Американскиот претседател веднаш го назначи генералот Дејвид Петреус, досегашен прв човек на Американската централна команда, на местото на Мекристал.
Питер Фелстед, уредник на армискиот магазин Џејнс дифенс викли, смета дека заминувањето на Мекристал можеби било неопходно од гледна точка на Вашингтон, но е лоша вест за силите на ИСАФ во Авганистан. Според него, Мекристал беше движечката сила зад актуелната стратегија во Авганистан и заминува во клучен момент. Но, и за Петресус, кој ќе го замени, вели дека е добар избор во однос на мисијата на НАТО
„Не мислам дека седиштето на ИСАФ сакаше да види како Мекристал заминува. Но, ќе бидат среќни ако некој со искуство во сузбивањето на бунтовништвото, како Петреус, ќе причини барем да не се чувствуваат лошо затоа што заминува генералот“, смета Фелдстед.
Кабул веќе изрази разочарување за смената на Мекристал. Портпаролот на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи го опиша како лојален партнер на авганистанскиот народ и рече дека ќе биде тешко за Петреус да изгради слични врски за кус временски период.
Стратегијата на Мекристал во Авганистан донесе десетици илјади дополнителни војници во Авганистан. Целта е да се намали бројката на цивилни жртви и да се придобие довербата на населението. Па сепак, според голем број на новински агенции, јуни беше најсмртоносен месец за американските и другите странски војници во Авганистан од почетокот на војната во 2001-ва.