Мовембер: Мустаќите во службата на здравјето

Мажите цел месец ги вртат не само погледите нa минувачите, туку и вниманието на тешките болести што го мачат машкиот пол
Доколку месецов сте забележале дека се` повеќе мажи се обидуваат да заличат на Марко Крале или пак Том Селек, не чудете се! Се работи за кампања со необично име – Мовембер (англиска коминација на мустаќи и ноември) и со благородна цел: мажите цел месец пуштаат мустаќи за да го свртат вниманието на здравјето на машката популација, научните истражувања за третман на раковите на простата и тестисите, како и менталните заболувања.

Мовембер

Во кампањата се вклучуваат спортисти, глумци, музичари, ТВ-личности...

Секоја година, во поголемите градови по САД на крајот на месецов се одржуваат масовни забави по повод каузата.

Годинава ќе има гала-вечери во Бостон, Лос Анџелес, Сан Диего, Сан Франциско, Чикаго, Њујорк и Сиетл.

Глобално, пуштањето, а и сукањето на мустаќите секој ноември трае веќе десет години. А, се почна – на шега. Група пријатели од Мелбурн, Австралија, во разговор за ретро-модата се решиле на ваква кампања која за кратко време доби светски размери. Досетливите Австралијанци првата година не привлекле донации, но веќе втората собрале 54.000 австралиски долари!

Лани, Мовембер се прошири и во Австрија, Франција, Германија, Хонг Конг и Сингапур. Учествувале 1,3 милиони лица, а вкупната донација била 147 милиони долари!

На Интернет-страницата на Мовембер може да се регистрирате и да поставите свои мустаклести фотографии, со што се вклучувате во кампањата за кревање на свеста за болестите на машката популација, а може и да донирате, па дури и симболично. Ова не е ограничено на машкиот пол - и жените имаат шанса да ја шират кампањата, некои од нив употребувајќи ја својата долга коса како божемни мустаќи.

За некои, Мовембер трае цела година и е дел од културолошкиот аспект.

Двајца колеги од редакцијата на Гласот на Америка на паштунски, објаснуваат:

„Има една поговорка меѓу мојот народ: Без мустаќи, мојата личност како маж нема да биде целосна!“.

„Лично, мустаќите се дел од мене. Во мојата култура се верува дека ако немаш мустаќи, нема да те сметаат за силен маж!“.

Мовембер на својата Интернет-страница наведува дека е прогласена за една од најдобрите 100 добротворни организации во светот, според три критериуми: влијанието, иновацијата и одржливоста.

Според здравствените податоци од американските власти што Мовембер ги пренесува на страницата, мажите имаат значително покус животен век од жените 77, за разлика од 81 година, иако нема биолошки причини за ваквиот тренд.

Една од причините: предрасудите кај мажите за здравјето, во смисла, „ако боли, ќе помине, нема за се` и сешто да одам на лекар“. Мовембер токму тоа има цел да го смени - со мустаќите.