Американска донација за македонската Погранична полиција, Царината

  • Соња Трајковска
    известувач Скопје

Американска донација за македонската Погранична полиција, Царината

146.000 долари вредната опрема за полицијата и 63.000 за Царината се дел од Програмата за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување.

Уште еден чекор кон продлабочување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и САД - македонската Погранична полиција и Царината добија опрема наменета за подобрување на ефикасноста во откривање на недозволената трговија со наркотици, оружје и луѓе.

146-те илјади долари вредната опрема за полицијата и 63-те илјади долари за Царината се дел од Програмата за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување.

„Крајниот резултат од користењето на оваа опрема е Македонија да биде побезбедна земја, да има поголема способност да контролира што влегува и излегува во земјата“, изјави американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер на примопредавањето на донацијата.

Американската донација, според македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ќе му помогне на, како што кажа, домашниот добро едуциран и обучен персонал успешно да одговори на предизвиците на 21 век во регионот.

Опремата се состои од мобилни читачи за пасошка контрола, пејџери за радијација, за зајакнување на капацитетот во борбата против радиоактивен материјал, како и специфичен вид униформи и одела за вработените во полициските станици кои вршат обезбедување на водените граници на Македонија.

Во рамки на Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност, од отворањето на односна канцеларија во Амбасадата на САД во Скопје во 2004 година, спроведени се повеќе од 50 обуки за институциите во Република Македонија, пред се за Министерствата за внатрешни работи, за финансии, за економија, за одбрана, и за надворешни работи. Исто така, доделена е опрема во вредност од над два милиони американски долари на Пограничната полиција на МВР и на Царинската управа, за подобра заштита на македонските граници и за спречување на нелегални движења на стоки и луѓе.