Селами: Целиот систем треба да се координира против корупцијата

Селами: Целиот систем треба да се координира против корупцијата

Целиот систем треба фронтално да се бори против корупцијата, ефикасно и ефективно, со цел сите алки од синџирот во борбата против корупцијата да бидат цврсто поврзани меѓу себе

Првиот македонски антикорупционер деновиве во Вашингтон учествува на меѓународна конференција за сузбивање на ова зло. Во интервјуто за Гласот на Америка на македонски, Илми Селами наведува дека не само државната агенција, туку целиот систем треба да се координира против корупцијата.

Глас на Америка: Зошто нема конкретни резултати во борбата против корупцијата во Македонија? Кој е виновен за ваквата состојба?

Илми Селами: Виновен е целиот систем. Треба да се постави прашањето колку функционира системот во борбата против корупцијата. Погрешна е тезата дека во државата против корупцијата се бори само државната комисија за спречување на корупцијата. Целиот систем треба фронтално да се бори против корупцијата, ефикасно и ефективно, со цел сите алки од синџирот во борбата против корупцијата да бидат цврсто поврзани меѓу себе.

Глас на Америка: Ветивте дека ќе се врати угледот на институцијата...

Илми Селами: Мислам дека доста е сторено во тој правец. Нормално е дека кога ќе се следат меѓународните текови како што е овогодишната меѓународна конференцијата во Вашингтон, (тоа – н.з.) дава надеж дека Државната комисија за спречување на комисијата е на вистинскиот пат за да покаже конкретни резултати, се разбира во целосна соработка со другите државни органи и институции.

Глас на Америка: Ревизорите постојано укажуваат на сомнително трошење милионски износи во македонските министерства. Зошто не реагирате?

Илми Селами: Ние како државна комисија за спречување на корупцијата - реагираме. Но, перцепцијата дека не се реагира на извештаите на државниот завод за ревизија е точна и основана. Пред неколку месеци имаше расправа дали извештаите од државниот завод за ревизија треба да се разгледуваат во Собранието. На крајот, сето помина да не се расправа во Парламентот за таквите извештаи. Ние повикуваме на транспарентност, која е една од главните алатки во борбата против корупцијата. Колку фрлате повеќе светлина за вашата работа, толку има помал простор за корупција.

Глас на Америка: Европската комисија во досегашните извештаи за Македонија редовно даваше остри критики за работата на Антикорупциската комисија? Кој е вашиот одговор на критиките?

Илми Селами: Јас бев еден од членовите на нашата делегација кога рефериравме пред Европската комисија за постигнувањата за различни сфери. Јас реферирав и за постигнувањата на Македонија во делот на антикорупциската област. Мислам дека мислењето и таму се менува. Како резултат на тоа е и напредокот на Република Македонија во скалата на перцепција на Транспаренси интернешенал. ЕК оддава признание за чекорите кои Македонија ги презема за борбата против корупцијата, но секако, даваат забелешки за нас како комисија, што ќе претставува патоказ за нашето понатамошно работење, а тоа се, пак велам, резултати, резултати, резултати...