“Ура Гане/ ура Гане/
ураган е Гане!
О Гане, Гане/
Оган е Гане!”
Вака за себе пишуваше еден од ураганите на македонската книжевност, академик д-р Гане Тодоровски кој почина во саботата на 81-годишна возраст во Скопје.
Тодоровски е еден од великаните на современатата македонска книжевност, македонист и славист чие дело ќе остане забележано во научните кругови на Балканот и на Европа.
Поет, есеист и книжевен критичар, професорот Гане Тодоровски е роден во Скопје, на 11-ти мај 1929-та година. Дипломирал и докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје, каде беше професор се` до пензионирањето. Со 12 стихозбирки, Тодоровски остави длабоки траги во македонската поезија, но и во критиката, историјата на книжевност и есеистиката.
За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1997-ма година, а речиси пет децении беше член на Друштвото на писателите на Македонија.
Тодоровски во својата разновидна активност и творештво ја преведуваше и модерната светска поезија на македонски јазик, а еден дел од неговите активности беше тесно поврзан и со истражувањето на македонското книжевно творештво од 19-иот век.
Иако пред професурата беше и новинар, Тодоровски ќе остане запаметен и како првиот амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.
За своето творештво, Гане Тодоровски е добитник на речиси сите државни награди од областа на книжевноста и науката, како 11-ти Октомври, 23-ти Октомври, 13-ти Ноември, Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата, Ацо Шопов и Димитар Митрев на Друштвото на писателите на Македонија и Кирил Пејчиновиќ за преведувачки опус.