Слободата на печатот на најниско ниво последниве десетина години

Според годишниот извештај на Фридом хаус

Слободата на печатот на глобално ниво лани паднала на нијниско ниво последниве десетина години, па и повеќе, според најновиот годишен извештај на меѓународната невладина организација за заштита на човековите права Фридом хаус.

Во извештајот се наведува дека новинарите ширум светот се соочуваат со ограничувања од разни инстанци: авторитарни влади, терористи, сопственици на медиуми со деловни интереси.

Најголеми прекршители на слободата на печатот меѓу 199 рангирани држави и територии се Северна Кореја, Узбекистан, Туркменистан, Белорусија, Куба, Иран и Крим. На врвот на листата се Норвешка, Шведска, Белгија.

Според извештајот, само 14 проценти од населението во светот живее во слободни држави „каде известувањето за политичките вести е обемно, безбедноста на новинарите е гарантирана, а влијанието на државните институции врз медиумите е минимално и печатот не е мета на постојани правни и економски притисоци“.

Извештајот содржи критика за САД (го дели 31-вото место и е во групата - Слободни земји), чиј резултат опадна за еден поен поради приведувањата, малтретирањето и грубиот третман на новинари за време на протестите за граѓански права во градот Фергусон, сојузната држава Мисури. Извештајот наведува и дека „поборниците за слобода на печатот и натаму се загрижени поради одредени пракси и политики на федералната влада, како релативно ригидната контрола на администрацијата на Обама врз информациите коишто доаѓаат од Белата куќа и владините агенции“.