Со увертира од македонско вино и класична музика во изведба на босански автори, регионот на Југоисточна Европа ги најави трговските потенцијали и заложбата за подобра иднина пред бројни конгресмени и дипломати на свеченото отворање на дводневниот економски форум за регионот на Универзитетот Џонс Хопкинс.
Да се надминат бројните политичко-административни пречки, а вниманието да се пренасочи на економскиот развој и привлекувањето странски инвестиции, е пораката на главниот говорник, демократската сенаторка од Њу Хемшир, Џин Шахин на почетокот на Економскиот форум на земјите од Југоисточна Европа. Таа говореше за ревитализацијата на идејата за целосна, слободна и демократски ориентирана Европа.
Заедничка историја, но и иднина; нема алтернатива на европската иднина на регионот; Европа не смее да го остави Балканот настрана, беа клучните поенти на Шахин. „Целосната интеграција на регионот во Европа ќе се случи само доколку соработуваме“, рече сенаторката.
На прашање за безбедносната интеграција на Македонија, во НАТО, без оглед на тоа што на претстојниот самит во Чикаго, проширувањето, се чини, нема да биде на агендата, сенаторката Шахин рече: „Важно е Македонија и Грција да најдат решение за прашањето за името. Во меѓувреме, Македонија може да продолжи со напредокот во правец кон членството во НАТО и да се справи со неопходните прашањата за членство во ЕУ.
Помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, поранешната хрватска амбасадорка во САД, Колинда Грабар, укажа на промената на имиџот на регионот - од место на конфликти, во јадро на економска стабилност.
Претставници на Светската банка предупредија дека фискалната состојба на регионот е кршлива, иако економскиот растеж ги надминал очекувањата. Истакнаа дека во сферата на подобрување на бизнис-климата, најдобар напредок има Македонија, која од 96-тото место во 2006-та, се искачи на 22-рото во 2012-та.