Уaпсен поранешен инженер на БП за случајот со нафтено излевање

  • Jane Bojadzievski
Обвинет дека намерно уништил докази за тоа колку нафта завршила во Мексиканскиот Залив.

Поранешен инженер на нафтениот гигант Бритиш петролеум (БП) е уапсен под обвинение дека намерно уништил докази во врска со експлозијата на нафтена платформа во 2010-та, во која загинаа 11 лица и што предизвика огромно нафтено излевање во Мексиканскиот Залив.

Американскиот Оддел за правда соопшти дека денес уапсениот 50-годишен Курт Микс од Тексас е обвинет за попречување на истрагата. Микс наводно избришал 300 телефонски текст-пораки за тоа колку нафта се излева во Заливот во време кога БП се обидувала да го запре излевањето.

Микс е првиот обвинет во, како што наведуваат властите, натамошната истрага за одговорните за најтешкото подводно излевање во историјата на САД. Кога конечно беше затворен изворот, во Мексиканскиот Залив веќе истекоа речиси 5 милиони барели нафта.

Доколку биде осуден, Микс би можел да добие до 40 години затвор и парична казна од 500.000 долари.

БП денес соопшти дека соработува со Одделот за правда и другите инстанци кои вршат истрага за излевањето. Компанијата наведува дека има јасна политика што налага чување на податоците и дека презела исцрпни и континуирани напори за таа цел. Па сепак, таа одби директно да коментира на случајот против Микс.