На две, наместо на четири тркала

На две, наместо на четири тркала

Се` поголем број Американци повторно го вадат велосипедот од гаражата

Како што расте цената на бензинот во САД, се зголемува бројот на велосипедисти, особено во големите градови.

Продажбата на велосипеди во САД е за 29% поголема од ова време минатата година. Тоа не го изненадува велосипедистот Енди Кларк.

„Повеќето луѓе се враќаат на велосипедот како забавно превозно средство. Се сеќаваат на уживањето како деца, кога ветрот се поигрува со косата. Денес повторно се враќаат на истото чувство на слобода, возбуда и забава“, вели Кларк.

Кларк, кој е претседател националната Лига на американските велосипедисти, вели дека најчест проблем на кој наидуваат е делењето на патиштата со автомобилите, што не само што е застрашувачки, туку може да биде и опасно.

Затоа, локалните власти почнаа да ставаат приоритет на побезбедни патишта за оние на две тркала. Ендрју Стобер од Канцеларијата за транспорт и врски на Филаделфија, подвлекува дека како последица, велосипедистите се се` побројни.

„Само пред неколку години, немаше толку многу на улиците. Но, поради високите нафтени цени и зголемениот акцент на здравиот начин на живот, владата презеде мерки за да го олесни движењето на велосипедистите“, вели Стобер.

Лигата на американските велосипедисти неодамна означи скоро 200 општини во 44 сојузни држави како „пријателски кон велосипедистите“. Тоа е 25-процентно зголемување од пред една деценија. Претседателот на Лигата Енди Кларк вели дека се` повеќе градови ги фаќа велосипедска манија; градат велосипедски патеки и овозможуваат изнајмување на велосипеди. Бостон има патеки во должина од 32 километри, а Њујорк додаде дополнителни 80.

„За прв пат имаме зголемена инфраструктура со нови велосипедски ленти. За прв пат во САД се воспоставува инфраструктура налик на веропската“, коментира Кларк.

Само во Филаделфија, минатата година беа додаени велосипедски ленти од 600 километри.

Алекс Доти е извршен директор на Сојузот на велосипедисти на Филаделфија. Истакнува, трошокот за купување и одржување на велосипед се значително пониски од оние за автомобил.

„Некои од нас, кои веќе подолг период користат велосипед, имаат и поскап! Но, можете да почнете со велосипед за 100 долари!“, категоричен е Доти.

Да се вози велосипед не е само евтино и здраво за луѓето, додава Повилсон од националната групација Бајксбилонг - тоа е добро и за самите метрополи.

„Градовите ги увидуваат придобивките од велосипедите. Во овие економски услови, нема доволно пари во буџетите за изградба на нови авто-патишта и проширување на железничките линии, или пак нови метро станици. Возењето на велосипед е навистина евтин начин за проток на луѓето“, заклучува Повилсон.

И, не го забавува многу сообраќајот.

Бројот на велосипедисти во САД двојно нарасна од 2000-та. Само во Филаделфија, преку 10.000 користат велосипед за да стасаат на работа.