Според анкета, половина од Американците немаат доверба во здравствената заштита

Според анкета, половина од Американците немаат доверба во здравствената заштита

Истражувањата покажуваат и дека дел бараат поништување на новиот закон за нејзина реформа, а некои не бараат лекарска помош бидејќи стравуваат дека не ќе можат да ги платат трошоците

Американците се исто толку поделени околу здравствената заштита колку и пред претседателот Барак Обама да стави потпис на новиот закон за нејзина реформа. Демонстранти четвртокот во Вашингтон бараа поништување на законот. Тврдат – претставува несовесно трошење.

Според анкета на Асошиетед прес и истражувачката група ГфК, 50 проценти од Американците се против новиот закон, а најповеќе оние во групата постари од 64 години, загрижени дека заштитата ќе биде погодена од скратувања на владини средства за болниците и други здравствени институции.

Анкета на истражувачката компанија Ипсос и на Ројтерс, пак, наведува дека само 51 процент сметаат дека може да добијат адекватна нега што не е скапа.

Друго истражување покажа дека Американците без осигурување одлагаат да појдат во болница, дури и по срцев удар.

„49% од неосигурените во просек чекале по шест часа пред да побараат помош, а 45% од осигурените, но загрижени колку ќе чини негата, исто така чекале преку шест часа пред да го сторат истото“, вели лекарот Пол Чен, кој е еден од истражувачите.

Лекарите наведуваат дека помошта е најефикасна ако се пружи во првите два часа по ударот.

Лари Скот сега е во количка. Одолговлекувал да појде во болница затоа што бил загрижен колку пари ќе треба да даде.

„Ова немаше да се случи ако имав здравствено осигурување – ќе бев згрижен веднаш“, коментира Скот.

Истражувањето што опфаќа 3.700 пациенти со срцев удар е објавено во Журналот на Американското медицинско здружение.