Глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон

  • Јулија Велковска

Глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон

Во наредните три дена лобирање во Конгресот, награди за сенатори, панел-дискусии...

Од денес па се` до сабота, во Вашингтон ќе се одржи третата по ред Глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), со редица настани на кои ќе учествуваат истакнати гости од американската и македонската политичка сцена, бизнисмени, уметници.

На конференцијата ќе се дискутира за напредокот на Република Македонија изминативе 20 години, за актуелната ситуација и идните планови. Организаторите ја опишуваат програмата како најдобра досега. Настанот започна денес во Конгресот, каде попладнево по американско време, претставници на дијаспората буквално од врата до врата лобираат кај конгресмени и сенатори за натамошна поддршка за аспирациите на Република Македонија за евро-атлантска интеграција.

Традиционално, во рамки на средбите е предвидено доделување на почесните Меѓународни награди на слободата на ОМД. Еден од тројцата добитници годинава е Џон Мекејн, сенаторот од Аризона и поранешен републикански претседателски кандидат. Тој важи за еден од пријателите на македонската кауза во Конгресот. Примајќи ја наградата, Мекејн за Гласот на Америка на македонски изјави дека е почестен за признанието и се заблагодари за учеството и пожртвуваноста на македонските војници во меѓународната мисија во Авганистан. Мекејн смета дека односите САД-Македонија се добри, со можност натамошно да се продлабочат.

Вечерва во македонската амбасада истата награда ќе им биде доделена на сенаторот-демократ Френк Лутенберг од Њу Џерси и независниот сенатор Џозеф Либерман од Конектикат, а утре постхумно и на Лоренс Игелбергер, поранешниот американски државен секретар.